Изборот на потпретседателот на ДУИ и довчерашен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, за нов претседателот на чаирскиот огранок на интегративците, кој долги години го предводеше контроверзниот Беќир Асани, претставува најава за изборните собранија што во следниот период ќе се оддржат во другите партиски ограноци.

Како што неофицијално дознава Фокус, уште отсега е речиси познато дека шефица на партискиот огранок во Кичево ќе биде Ардита Дани, која во минатиот период беше советничка во Советот на Општина Кичево од редовите на „интегративците“, а неодамна беше избрана во раководството на Форумот на жени на ДУИ.

Долгогодишниот партиски потпретседател и шеф на огранокот во Гостивар пак, Невзат Бејта, ќе се натпреварува за истата позиција, но иста намера има и претставникот на помладата геренација на ДУИ – Валдет Џафери, кој стана министер за правда за време на политичката криза.

Понатаму, сегашниот претседател на партискиот огранок во Тетово Реси Абдурамани, кој своевремено како човек на веќе непожелниот Хазби Лика ја победи тетовската градоначалничка Теута Арифи, нема да остане на оваа функција, бидејќи, како што велат упатените, генералната определба е да се оди со млад кадар во овој огранок.

Инаку, екипирањето на партиските ограноци претставува уверира за претстојниот партиски конгрес што треба да се оддржи во ноември, на кој се очекува долгогодишниот партиски лидер Ахмети повторно да биде единствен кандидат за лидерското место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.