Адвокатското друштво Апостолски, информира дека тужбата против Владата со овластено лице Зоран Заев ќе биде поднесена пред домашните судови и пред Европскиот суд за човекови права, а поради повреда на правото на живот согласно член 10 од Уставот на РМ и Член 2 од Европската конвенција за човекови права, правото на здравствена заштита гарантирано со член 39 од Уставот на РМ и правото на здрава животна средина по член 43 од Уставот на РМ, се вели во известувањето кое ви го пренесуваме интегрално во продолжение:

Република Македонија за жал, според Европската агенција за животна средина за аерозагадувањето во Европа е најлошо рангирана меѓу сите Европски држави, со најзагаден воздух во градовите. Скопје, Битола и Тетово се меѓу 10-те најзагадени
градови во Европа во 2017 година.

Според најновите анализи на Светската Здравствена Организација (СЗО), аерозагадувањето е главниот причинител на над 1.300 смртни случаи годишно, и зголемен број на лица со респираторни заболувања. Според анализите на Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата околу 2.5% од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно. Владата на Република Македонија, иако донесе Програма за намалување на Аерозагадувањето не презема мерки или не ги имплементира мерките за борба против загадувањето.

Со програмата Владата се обврза да го намали загадувањето на воздухот до 2020 во: Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%. Заради тоа утре во 12.59 ќе поднесеме тужба до Основниот граѓански суд во Скопје со која тужба бараме судот да утврди повреда на говенаведените права и дополнително да изрече мерки против Владата на РМ, односно функционирите во Владата на РМ- Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, министри, заменици министри, ржавни секретари, шефови на кабинети на министри, заменици министри и државни секретари, советници, координатори и други.

Предложени мерки се намалување на плата на функционерите, забрана за
користење службени возила, забрана на користење државни пари за службени
појадоци, ручеци, вечери, како мерки кои најмногу би ги засегнале државните
функционери за да почнат со имплементација на мерките согласно Програмата за
намалување на Аерозагадувањето.

Предлагаме и Јавниот обвинител на РМ да превземе мерки согласно неговите
надлежности за утврдување кривична одговорност и веднаш да отвори истрага против сторителите.

Повикуваме сите загрижени граѓани и невладини организации да се приклучат на
поднесувањето на тужбата утре -петок, 01.11.2019 во 12.59, се вели во информацијата од адвокатското друштво Апостолски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.