Четири години и осум месеци затвор за бизнисменот Сеад Кочан, а условна казна за Василије Авироивиќ. Оваа е правосилната пресуда на Апелациониот суд за случајот на СЈО „Труст“, за која денеска ја информираа јавноста.

Според пресудата, делумно се уважени жалбите на обвинетите, бидејќи според првостепената пресуда Кочан беше осуден на шест години, а Авировиќ беше осуден на три години затвор.

Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1026/18, во јавноста познат како „Труст“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетите Сеад Кочан од Скопје и Василије Авировиќ од Скопје, делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената одлука во делот на казната и обвинетиот Сеад Кочан го осуди на казна затвор во траење од четири години и осум месеци, а на обвинетиот Василије Авировиќ му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело – велат од судот.

Апелацискиот суд во останатиот дел првостепената пресуда во целост ја потврди. Оттаму посочуваат дека вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Кочан и Авировиќ во јули минатата година беа прогласени за виновни во судскиот процес „Труст“, за злоупотреба на јавна набавка. Судскиот процес траеше точно осум месеци и имаше повеќе од 20 рочишта. Кочан и Авировиќ, односно „Трансмет“ и „Силекс неметали“, според СЈО со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.