Од креатор на Специјалното јавно обвинителство до негов погубувач – премиерот Зоран Заев кој пред 4 години беше силен поборник за формирањето на оваа институција, прв и сврте грб на Катица Јанева. За професорот по право, Димитар Апасиев, погребот на Специјалното јавно обвинителство ќе биде и крај за владејачката СДСМ. Апасиев е дециден – извршителите од случајот „Рекет“ несомнено имале политичка поддршка, а аферата вели наскоро ќе предизвика длабока политичка криза и предвремени избори.

Прашање на време е кога ќе се открие кои се политичарите за кои веќе се шпекулира во чаршиските муабети. Особено алудирам на две женски особи кои се во врвот на владејачката партија и нивните риднини и пријатели. Погребот на СЈО ќе биде и погреб на владејачката партија бидејќи тоа е негов проект. ВМРО ДПМНЕ беше од старт против ова и нив им одговара да потоне СЈО. Сега ќе видиме дали Катица Јанева ќе пропее, условно кажано и дали ќе поведе и други со себе. Тек допрва почнува размотувањето на клопчето, вели универзитетскиот професор Димитар Апасиев во изјава за „Алфа“.

Според Апасиев, сè уште е нејасно по чија пријава делуваат јавните обвинители од организиран криминал. Дали случајот се води според изјавата на осомничениот поткупувач од „Империја“ или по пријавата за која лично се пофали премиерот Заев?

Премиерот самиот кажа дека во неговиот кабинет ги повикал јавниот обвинител републички и обвинителката Русковска и им предочил дека добил сознанија. Обвинителката Русковска треба да ни појасни по чија пријава сега постапува. Според мое лично мислење, оваа афера немаше да дојде до Катица Јанева, бидејќи има јак грб на западни дипломати коишто ја штитат, да не излезеа снимките во италијанскиот весник. Сега симптоматично е, барем за мене како професор по право, кога еден обвинител ги има снимките 40 дена претходно, зошто оставил 40 дена да се уништуваат докази, да се форматираат компјутери, да се влијае врз сведоци, да се преименуваат управители на фирми… , вели Апасиев.

Инаку, специјалното јавно обвинителство се формираше на 15 септември 2015 година, а потребата за неговата работа се наметна со објавувањето на разговорите од незаконското следење на комуникациите. Ова обвинителство има мандат од пет години, што по сила на закон би требало да постои до септември следната година. Сега, владата крои нов закон со кој оваа институција ќе замине во историјата, односно ќе продолжи да работи под капата на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.