Вашето движење, професионално, се движи од менаџер до бизнисмен, па до професор, меѓутоа не можеме да го оддалечиме фактот дека потекнувате од т.н. омразена Црвена буржоазија и тој династиски систем на владеење во СДС – по принципот ‘наше дете’. Вашиот татко бил висок кадровик во СДС и по тој принцип, така фунционира СДС во овие три децении, рече пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.

Во излагањето Апасиев порача дека Ковачевски не е репрезент на средната класа, којашто социјал-демократијата ја застапува, бидејќи е отворено капиталист.

Вие припаѓате во елитата (во тие 1%) по вашето богатство.

На крајот на излагањето Апасиев се осврна на програмскиот дел.

Цело време се зборува за легалитетот и легитимитетот – а вие легалитет имате, но легитимитет немате! Легитимитет не се стекнува со калашникови, туку со гласови; не се стекнува со киднапирање пратеник, туку се стекнува со излегување на избори. Ве барав во 120-те пратеници понудени на минатите парламентарни избори, вас ве нема!? Дури тројца носители на изборни единици – Шеќеринска, Димитров и Касими – ви се одметнаа, тоа значи вие легитимитетот кој го добивте на парламентарни избори, го немате. Она што го вика Цицерон ‘legitimum imperium – вие го немате, туку го имате она што го вика Тома Аквински ‘tiranica usurpatio’. Вие сте узурпатор на тронот, политиколошки гледано, бидејќи доаѓате на најмоќната позиција без да дојдете на избори. И на крајот, со тоа ќе завршам, вие водите антинародна и антиработничка идеологија. Само за потсетување, зборот ‘работници’ во програмата ви е спомнат шест пати, а зборот ‘бизнис’ над 60 пати и од тука се знае каква ќе биде оваа Влада – изјави Апасиев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.