Влада предводена од Зоран Заев, која во овој мандат требаше да се залага и жестоко да се посвети на борбата против корупцијата, не ги зема во предвид препораките на Антикорупциската комисија. Згора на тоа, владата измисли и вицепремиерска функција за борба против корупцијата, која му ја додели на Генералниот секретар на неговата партија СДСМ, Љупчо Николоски.

Од Комисијата за спречување на корупцијата велат дека првите 100 дена работа на владата не поминаа без промашувања или расчистување на сметките, при што додаваат дека нема промени во класичните форми што ги користи секоја власт.

Претседателката на Антикорупциската комисијата, Билјана Ивановска, вели дека имало злоупотреби и со назначувања и разрешувања на директори или други институции, вклучително и оние избрани со мандат. Сепак, и покрај помошта која Антикорупциската комисија сакала да ја даде за борба против овие појави, Ивановска истакнува дека препораките на институцијата, Владата не ги земала предвид.

Од Антикорупциска велат дека презеле мерки и за неправилностите во анкетните листи на службениците, во однос на нивниот прикажан имот.

Законската обврска не е соодветно испочитувана – вели Ивановска за телевизија Алсат, и додава дека во две анализи предупредиле за непродуктивни буџетски трошења како што се апанажи, користење на службени возила, патни трошоци, репрезентации, за употреба на платежни картички во странство и слично.

Од друга страна, пак, поранешниот член на антикорупциска, Ариф Муса ја критикуваше власта затоа што и покрај анализата на комисијата, не преземала конкретни мерки за спречување на корупцијата. Тој додава дека не гледа заинтересираност на оваа Влада да се бори против корупцијата, уште помалку кога имаме обвинителство специјализирано за борба против корупцијата, кога имаме и Комисија за борба против корупција, место да ги следи нејзините сугестии, таа назначува министер и создава дополнителни комисии и тела, при што никој од нив не ја врши работата како што треба.

Не гледаме никакво светло на крајот на тунелот дека оваа нова Влада сериозно ќе се справи со откривање на корупција и слични случаи. Зошто сум скептичен дека ќе се стори нешто во врска со корупцијата? Со назначувањето на министер за спречување на корупцијата, паралелно со создавањето на многу комисии, многу паралелни тела, никој од нив не ја извршува работа како што треба. Сè додека постои обвинителство специјализирано за борба против корупцијата, нема потреба од министер. Потоа имаме Комисија за спречување на корупцијата. Само треба да се спроведуваат нивните наредби и да им се даде поддршка – вели Муса за Алсат.

Имено, на денот на изборите кога излегоа првите резултати на кои се потврди дека СДСМ води, Зоран Заев на прес конференција, меѓу другото, истакна дека во овој мандат неговата Влада целосно ќе се посвети во борбата против организираниот криминал и корупција, за од друга страна да не ги зема во предвид препораките и сугестии на органите кои се специјализирани во ваквата борба.

Државната комисија за спречување на корупцијата, исто така, реагираше и тврдеше дека при назначувањето за директор за МЕПСО, на Куштрим Рамадани има судир на интереси, затоа што тој бил заменик директор на Регулаторна комисија за енергетика. Но, и покрај реакциите од Антикорупциска, Владата по своја глава, без да ги земе во предвид сугестиите на комисијата Рамадани го назначува за директор на компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.