Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) распиша јавен повик за изработка на цртежи, на кој може да учествуваат сите средношколци, особено оние од средните уметнички училишта.

Повикот е дел од кампањата за заштита на укажувачите на ДКСК во рамки на ИПА 2 Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Македонија“ финансиран од Европската Унија.

Целта на овој повик е да се поттикнат младите да ги искажат своите погледи на оваа тема, преку изработка на визуелни пораки, графики и кратки стрип приказни.

Преку јавниот повик ДКСК има цел на креативен начин да придонесе за разбирање, прифаќање и поддршка на заштитеното укажување, а воедно и да придонесе за поголемо почитување на чесноста и искреноста, како највисоки продобивки во нашето општество.

Во соопштението од ДКСК се наведува дека на тој начин и младата популација ќе се вклучи во процесот на информирање и едукација на јавноста за укажувачите, како модел во општеството, како и за важноста на нивната заштита.

Заштитата на укажувачите во општеството е основа за поголем интегритет на институциите и јакнење на основните демократски вредности. Укажувачите се симбол на одбраната на јавниот, наспроти личниот интерес и имаат многу важна улога во борбата против корупцијата и судирот на интересите.

За да се создадат услови за нивна поголема заштита, неопходна е поголема едукација и информираност на целокупната јавност за заштитеното пријавување на корупција и судир на интереси.

Укажувачите се многу значаен сегмент во демократските општества, бидејќи се работи за луѓе кои не се двоумат својот комодитет и можносите за напредок во кариерата да ги нарушат заради општото добро. Затоа е важна што поголема едукација на населението за укажувачите и тоа почнувајќи од младите, па сѐ до повозрасните генерации. За заштита на укажувачите е донесен Закон, но најважно во овој процес е информираноста за овие механизми за заштита, бидејќи само така ќе поттикнеме и во иднина овој модел да функцинира без да се загрозат овие лица. Овој процес мора да ги вклучи сите и ни претставува огромно задоволство што преку овој јавен повик ќе ги вклучиме и младите, бидејќи кај нив се свежите и смели идеи – истакнува Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Наградите за најдобрите визуелни пораки ќе бидат доделени на 9 декември 2021 година, на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата и судирот на интереси.

Сите заинтересирани средношколци можат да ги испратат своите креации на следниот линк: www.transparentnaumetnost.mk. Најдобрите дела ќе добијат сертификат и стручна литература од областа на графичкото цртање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.