Државната комисија за спречување на корупција отворила постапка по допрен глас против јавната обвинителка Лиле Стефанова која во периодот помеѓу 2015 и 2016 година се стекнала со имот, стан на кој продавач е компанијата „Адора Инжењеринг“ во сопственост на Ванчо Чифлиганец.

Се работи за имот вреден 70.000 евра, поточно стан купен на име на нејзината невработена ќерка кој бил исплатен во период од една година.

Во случајот како купувач на станот се јавува лицето Рената Стефанова од Радовиш, ќерка на јавната обвинителка од Радовиш, Лиле Стефанова. За ова е склучен Договор за купопродажба на недвижност помеѓу компанијата „Адора Инженеринг ДООЕЛ Скопје“ како продавач и Стефанова Рената од Радовиш како купувач.

Како што објави порталот Инфомакс, во текот на 2015 и 2016 година во целост е исплатена купопродавжната цена за стан, во износ вкупен од 4.480.525 денари со пресметан ДДВ или околу 70.000 евра.

Прашањето како успеала со обвинителска плата и со ќерка која во тој период била невработена да купи и да исплати стан од 70.000 евра, сега го поставува и Антикорупциската комисија од каде што потврдија дека по допрен глас на своја иницијатива покренале случај против обвинителката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.