Судиите и јавните обвинитли ќе бидат дел од годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година. Ова, меѓу другото, стои во штотуку објавеното соопштение на Државната комисија за спречување корупција, што уследи по вчерашното обраќање на премиерот во заминување Зоран Заев во кое побара проверка на потеклото на имотот на судиите и јавните обвинители.

Во соопштението на Антикорупциската комисија се вели дека согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси таа усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кое е во тек.
Согласно утврдените ризици во споменатата анализа, се вели во соопштението, правосудството е
оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб (судиите и јавните обвинители) ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година. Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе врз основа на законските надлежности, а согласно расположливите човечки и материјално – технички
капацитети на Државната комисија.
Законските надлежности на Државната комисија во делот на следењето на имотната состојба се спроведуваат преку проверка на вистинитоста на податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство. Во делот на следењето на состојбата на судирот на интереси, Државната комисија ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на избраните и именуваните лица и членовите на
нивните семејства.
Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување потребно е зајакнување на постојните човечки и материјално–технички услови и вклучување на други истражни органи.
Имајќи ја предвид искажаната подготвеност на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија за ставање на располагање на сите капацитети на извршната власт за ефикасно спроведување на постапките за испитување на имотната состојба, Државната комисија смета дека е неопходна координација на сите
надлежни институции, но врз основа на конкретни задолжувања од страна на Владата на Република Северна Македонија, се вели на крајот од соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.