Досега во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема пристигнато никаква пријава од кого било, ниту анонимна, ниту од познат пријавител, во врска со генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, така што за сите нас ова беше новина, изјави денеска претседателката на Антикорупција Билјана Ивановска.

Мухамед Зекири денеска на својот фејсбук профил објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата генералниот секретар на Владата, која премиерот Димитар Ковачевски ја прифати.

– Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски очекува целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството.

– Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на пресумцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави Ковачевски.

Оставката на Зекири уследи откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.

Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обивнителството го добило во втората половина на 2021 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.