Претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска бара новото Собрание да донесе посебен закон за испитување на имотот на функционерите затоа што досегашната пракса пакажало изигрување на законот и стекнатиот имот се препишувал на други лица.

Ивановска смета дека тоа е најголемиот проблем да се следи имотната состојба на функционерите бидејќи се врши дисперзија на имотот на блиски роднини во фамилијата, дури и на блиски пријатели.

Затоа ние како Комисија сме согласни и едногласни да бараме од новиот парламентот да смогне сили или политичка волја и да донесе Закон за потекло на имотот на сите граѓаните. Дури тогаш ќе имаме темелна слика за тоа каде е имотот и кој располага со имотот. Тоа може да се направи и ќе биде голем чекор напред за сите, за нашата држава – вели Ивановска за „Слободен печат“.

Претседателката на ДКСК смета дека донесувањето на ваков закон е многу важно, затоа што и судиите, обвинителите, градоначалниците може да го регистрираат имотот на друго лице и со тоа може лажно да покажат дека немаат стекнато имот.

Потоа кога ќе му помине мандатот, може имотот да си го префрли на свое име. Сега како што е дефиниран Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ние немаме обврска понатаму да ја следиме имотната состојба на функционерите – истакнува Ивановска.

Новите пратеници се должни најдоцна во рок од 30 дена од верификацијата на мандатот да ги пополнат анкетните листови во кои ќе го наведат имото, како што се куќи, станови, автомобили, хартии од вредност, а треба да ги наведат дури и своите побарувања и долгови, но и имот што е во сопственост на членовите на семејството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.