Доколку наредната недела има нови парламентарни избори поголем дел од граѓаните би излегле да гласаат, покажува последната анкета спроведена од Агенцијата Ипис за потребите на Прва Република. Главно граѓаните се незадоволни од актуелната власт. Не се задоволни од реформите во основното образование, незадоволство искажуваат и од досегашната работа на власта во реформите во судството, од борбата против корупцијата и криминалот, како и од економската состојба и животниот стандард. Голем е процентот на оние кои се изјасниле дека власта не се справила добро со корона вирусот во земјава. Генерално, граѓаните сметаат дека треба да се промени актуелната Власт во Македонија, бидејќи работите се движат во погрешна насока.

На прашањето дали би излегле на гласање доколку следната недела има нови парламентарни избори, 512 испитаници од вкупно 1089, или поточно 47 отсто се изјасниле дека со сигурност ќе гласаат.11,8 отсто рекле дека најверојатно ќе гласаат, а 11,5 отсто се изјасниле дека со сигурност нема да излезат на гласање. 10, 3 отсто пак се колебаат, но поголема е веројатноста да не излезат на избори.

Економијата, невработеноста, платите, пензиите, животниот стандард е најголемиот проблем во државата кој треба итно да се реши, сметаат испитаниците. Дури 56,2 отсто, на прашањето кои се двата најголеми проблеми во Македонија кои мора под итно да се решат, ја посочиле економијата, потоа следува здравството и КОВИД кризата со 8,8 отсто, а трет проблем е криминалот, корупцијата и непотизмот – 6,3 отсто.

Постои незадоволство кај граѓаните од начинот на кој владата се справува со корона вирусот. 35 отсто од испитаниците воопшто не се задоволни од досегашната работа на власта во справување со корона вирусот. 13,5 се донекаде незадоволни. Само 17,7 отсто се целосно задоволни, а 20,8 донекаде задоволни.

Граѓаните не се задоволни од досегашната работа на власта во областа на економијата. 42,7 отсто од испитаниците се изјасниле дека воопшто не се задоволни, а 12,3 се донекаде незадоволни. Само 14,8 отсто сметаат дека досегашната работа на власта во економијата оди во добар правец,

Иста е ситуацијата и со борбата со корупцијата и криминалот. 48 отсто од испитаниците воопшто не се задоволни од досегашната работа на власта во борбата со корупцијата и криминалот, а 10,8 отсто донекаде се незадоволни. Задоволни се 9,8 отсто од испитаниците, а 13,1 се донекаде задоволни.

 

42,1 отсто од испитаниците воопшто не се задоволни од досегашната работа на власта во реформите во судството, а 12,9 отсто се донекаде незадоволни. Целосно задоволни се 14 отсто, а донекаде задоволни се 11,8 отсто од испитаниците.

Поделено е мислењето на граѓаните околу спроведувањето на пописот. 25,2 отсто се целосно задоволни од досегашната работа на власта во врска со пописот, а 24,6 отсто пак воопшто не се задоволни.

40,9 отсто од испитаниците воопшто не се задоволни од досегашната работа на власта во реформите во основното образование, а 10,3 отсто се донекаде незадоволни. Целосно задоволни се 14,8 отсто, а донекаде задоволни се 15,1 отсто од испитаниците.

 

На прашањето дали сметаат дека треба или не треба да се промени актуелната власт во Македонија, дури 49 отсто од испитаниците се за промена, а дека треба да остане се изјасниле 30,1 отсто.

 

Над 50 отсто од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока. 30 проценти се изјасниле дека е правилна насоката во која се движи Македонија, а 19,7 отсто немале одговор на ова прашање.

Институтот за Политички Истражувања во периодот помеѓу 18 и 20 октомври 2021 спроведе истражување за потребите на ДНИД ПРВА РЕПУБЛИКА ДОО СКОПЈЕ. Истражувањето беше спроведено на 1089 испитаници со користење на случаен примерок кој беше стратификуван со цел да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење, при што Скопје беше земено како посебна целина заради своите карактеристики.

НАПОМЕНА:
Одговорите ја одразуваат демографската структура на испитаниците, нивните преференци и ставови. Сите истражувања на Институтот се подложни на маргинална грешка која изнесува +/- 3% со интервал на доверба од 95%. Сите резултати претставени во извештајот можат да се движат во наведениот интервал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.