Последната анкета на агенцијата „Брима Галуп“ крена голема прашина откако новинарот Горан Момироски објави дека такво истражување воопшто не било спроведено. Агенција денеска излезе со крајно контрадикторно соопштение во кое велат дека тие ја спровеле анкетата но дека не ја објавиле.

Тие додаваат дека еден од клиентите имал екскулзивно право на користење и објавување на анкетата. „Република“ ја праша „Брима Галуп“ за кој клиент е изготвена анкетата но не добивме одговор за кого станува збор.

Нарачателот самиот одлучува на кој медиум и кога ќе ја објави анкетата. За нас единствено е важно да се точно објавени резултататите. Инаку, стоиме зад резултататите кои се објавени во истражувањето-велат од „Брима Галуп“ за „Република“.

Оваа анкета прво беше објавена на порталот A1.он, но оттаму нема одговор како ја добиле и кој ја нарачал. Овој медиум денеска не ја објави реакцијата на „Брима Галуп“ каде што тие велат дека не ја објавиле анкетата.

Оваа е една од ретките анкети каде што владејачката СДСМ има мининална предност пред ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од сите претходни истражувања од неколку релеванти агенции кои прогнозираат сигурна победа на опозицијата.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги велат дека тие се надлежни само за јавните дифузери, но не и за порталите, додека пак во Државната изборна комисија објаснуваат дека тие се должни да реагираат само доколку некој поднесе иницијатива.

Тоа може да дојде од било кого, од поединец или партија, но такво нешто не е стигнато-вели за „Република“, првиот човек на ДИК, Олвер Дерковски.

Но, иако во овој случај вешто е избегнат нарачателот на анкетата членот 77 од Изборниот законик вели нешто друго.

Според него, и електронските медиуми односно интернет порталите се должни да наведат податоци за името и нарачателот кој го побарал и платил истражувањето. Во спротивно е предвидена казна од 4.500 евра за медиумиот ако ги објави резултатите  од испитувањето спротивно од овој член на Изборниот законик

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.