На вчерашната средба со коалициските партнери од СДСМ разговаравме за иницијативата што ја поднесовме до Владата, за да се донесе одлука за обештетување на бранителите од 2001 година. Од страна на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е дадена недвосмислена поддршка но и зелено светло истата да биде сериозно разгледана, рече денеска на прес-конференција претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов.

Тој изрази благодарност и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и пратеникот Драган Ковачки кои пред неполн месец поднесоа предлог законски измени за воведување симболични права за бранителите кои се бореле во 2001 година.

На вчерашната коалициска средба меѓудругото разговаравме и за проблемот кој што ги мачи 15-тина семејства на загинати бранители како и 30-тина воени инвалиди. Претходно, и од премиерот и од клучните министри имавме поддршка, со тоа што оваа иницијатива во следните денови ќе биде сериозно разгледана и се надевам на позитивно решение во разумен временски рок. Значајно е да истакнеме дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети е подготвен за разговори во врска со оваа наша иницијатива, рече Ангелов.

Ангелов посочи оти е оптимист дека оваа иницијатива ќе биде прифатена од Владата, но како што рече, доколку Владата ја отфрли иницијативата на Достоинство, истиот ден ќе ја напуштат владината коалиција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.