Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС може да е игра на политичката сцена, смета шефот на бугарскиот тим на историчари, Ангел Димитров.

Во изјава за бугарското национално радио, Димитров вели дека за да се земе кажаното како сериозно, треба да има и нешто посериозно, како меѓународно-правен документ.

-Тоа што го кажа Заев треба да биде внесено и во официјален документ во кој јасно ќе се нагласат новите позиции кои што се во согласност со договорот за пријателство и добрососедство – рече Димитров.

Копретседавачот на комисијата вели дека и тие документи треба да бидат усвоени и од македонското собрание, но дека со актуелната политичка конструкција и несигурноста на владејачката структура не е јасно како тоа би се случило. Димитров е категоричен дека откако Заев го направи тој чекор, да признае дека двете земји имаат заедничка историја и дека бугарите не се фашистички окупатор, треба неговата партија да направи напор, чекор напред, а не, како што вели, ова да остане да виси во воздух.

Инаку следниот состанок на заедничката комисија треба да се одржи, следнава недела, на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.