Секој што сака и се смета за Бугарин може да добие бугарско државјанство, за тоа нема никаков проблем, но не треба да го злоупотребува тоа против Бугарија кога самиот се декларирал како Бугарин.

Ова во интервју за порталот Трибуна.мк го изјави бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев.

-Ние сакаме да има транспарентност по тоа прашање. Можеби знаете дека според процедурата за добивање на бугарско државјанство по потекло, вклучува и Декларација во која што кандидатот декларира дека има бугарска самосвест, бугарски идентитет, а според таа Декларација се носи и казнена одговорност според членот 313 од Казнениот кодекс на Република Бугарија. Тука се разбира е и декларацијата дека неговите родители, предци биле Бугари. Биле дел од бугарската заедница во бугарски села и градови, во Егејска и Вардарска Македонија. Секој кандидат што добил бугарско државјанство го докажал своето бугарско потекло по мајка, по татко или по двете линии. И самиот тој декларирал во посебна Декларација дека самиот тој се чувствува како Бугарин. Овде зборуваме за повеќе од 120 000 македонски државјани, кои имаат двојно државјанство од кое бугарското го добиле по потекло. За нас е многу непријатно кога такви луѓе што декларирале дека се Бугари и докажале пред бугарската држава дека се Бугари, потоа работат против Бугарија и не работат за добрососедството. Сум го истакнувал и порано дека треба да има транспарентност, посебно за тие што злоупотребуваат, бидејќи тие декларирале дека имаат бугарско потекло и бугарски идентитет. Ако направиле тешки прекршоци се разбира и дека треба да има одземање на бугарското државјанство, вели Ковачев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.