Не стивнуваат реакциите во јавноста, откако Основниот суд Скопје – 2 донесе решение за привремена мерка, забрана на продажба и располагање на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него“. Мерката е изречена по тужбата на Љубомир Фрчкоски за повреда на неговите лични права, односно за клевета од авторот на книгата во врска со атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров. Од Основниот суд Скопје – 2 ја велат дека се работи за времена мерка, со која се забранува понатамошна продажба и располагање на книгата до правосилно завршување на постапката за утврдување на одговорност за клевета, и надомест на нематеријална штета.

Во интервју за 1ТВ, тужителот – универзитетскиот професор и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски, изјави дека му била непријатна целата процедура со тужбата за клевета, но и неизбежна.

Чудно е кога луѓе кои ги знаете ќе одлепат комплетно, и цртајќи ја својата улога во транзициска Македонија се обидуваат себеси да се самолоцираат како централни. Тоа, за жал, му се случува на Андов. Тој практично ја злоупотребува слободата на изразување за прилично шокантни клевети кои имаат консеквенци за граѓанските права на лицата кои ги напаѓа. Да те обвинат дека си убиец, во основа, е перверзија и апсурдност на слободата на говорот, рече Фрчкоски.

Запрашан дали во книгата го претставил Фрчкоски како убиец, Андов за Дојче Веле децидно негира.

Нема врска. Си умислува. Фрчкоски е претставен токму таков каков што бил – неуспешен министер за внатрешни работи, кој не спречи да се случи атентат врз претседателот Глигоров, кој не ја заврши истрагата и за тоа требаше да поносе одговорност. Вистинска истрага всушност и немаше, а 23 дена никаде го немаше и Фрчкоски. Тој се криеше. И сега изјавува дека јас сум ‘одлепил’. Па, се тужи ли ‘одлепен’ човек?, иронично прашува Андов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.