Пратениците од власта и опозицијата синоќа започнаа жестока кавга за време на собраниската седница на Комисија за европски прашања која заврши со фрлање на филџан и шише кон пратениците.

Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, вели во разговр за „Локално“, портпаролот на СДСМ и пратеник, Дарко Каевски.

ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети – вели Каевски.

Според него пратеникот на од редовите на ВМРО-ДПМНЕ , Антонио Милошоски, е главен иницијатор на тензиите во Собранието.

Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да се однесува агресивно и деструктивно кога се работи за закони за правдата, така се однесуваше и при носењето на Законот за Јавно обвинителство, го блокира и Законот за Академија за судии и јавни обвинители.Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата.СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат хаос, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ги спасува криминалците, секој што се огрешил пред законот ќе одговара – смета Каевски.

За Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ основната причина за ваквото „диво однесување“ на пратениците од владејачката партија е „фактот дека се свесни дека ја губат контролата над ситуацијата“.

Ова последователно агресивно дивеење на високи претставници на ДУИ е шокантно. Човек кој ја води Комисијата за европски прашања, наместо да покаже демократичност во водењето седници, кога не успева на сила да “протурка” закони со европско знаменце, од изблик на фрустрација, реагира со тоа што ги напаѓа своите колеги. Дополнително, функционерот на ДУИ Вaлмир Азири, државен секретар во Министерството за култура, за синоќа преку Фејсбук му се закани и повика на физичко насилство над пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.Основна причина за ова диво однесување, би рекол е, фактот дека се свесни дека ја губат контролата над ситуацијата. Приморани се да го покажат своето вистинско лице, затоа што знаат дека промените доаѓаат и дека одговорност ќе има – појаснува Андоновски за „Локално“.

Тој посочува дека Собранието е без ред и дека владее самоволие од страна на претставниците на ДУИ.

-Адеми најверојатно учи од својот ментор – Талат Џафери. Овој образец на однесување личи најмалку на Собрание на држава која е кандидат за членство во ЕУ. Собрание без ред, самоволие на претставниците на ДУИ, навреди, лични вербални и физички напади, европски знаменца на законите од кои придобивки имаат само тие.Во суштина, Џафери е оној кој ги диктира процесите во Собранието, исто како што Бујар Османи и Артан Груби ги диктираат во Владата. СДСМ во ситуацијата е безгласна буква, чија единствена задача е да ги оправдува, прикрива, релативизира и затскрива девијантните постапувања на ДУИ, смета пратеникот Андоновски.

Тој посочува дека постои континуитет на вакво однесување во законодавниот дом и дека тоа е она што е најголем проблем.

Се додека насилството не се казнува, претставниците на ДУИ ќе се однесуваат како Собранието да е нивна своина – подвлекува Андоновски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговата партија за инцидентот реагирала до сите меѓународни партнери, со детални информации за „дивеењето на ДУИ во Собранието“.

Пратеникот Милошоски поднесе пријава за заканите и во полициска станица. Нашите пратеници поднесоа и интерпелација за Талат Џафери, а во наредните денови ќе заседаваат органите на партијата за да утврдат кои се следните чекори кои ќе ги преземеме – објаснува тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.