Сите пет приговори на изборот за ректор на УКИМ, доставени од тројцата кандидати редовните професори Петар Атанасов, Драги Димитриевски и Вујица Живковиќ, беа проглаени за неосновани од страна на Универзитетската изборна комисија, решенија на кои се потпишани сите членови на комисијата.

Во нив е наведено дека Комисијата не е надлежна да одлучува за ваков вид приговори и дава правна поука против решенијата да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

Професорите всушност бараа да се поништи постапката за избор на ректор од 15 јуни наваму, согласно Државната комисија за спречување на корупција, која на 21 јуни укажа дека по завршувањето на вонредната состојба, веднаш почнуваат забраните предвидени во член 8а од Изборниот законик и во член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите со кои се забранува започнување постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни или јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен за итни и неодложни работи.

Приговор беше упатен и за непочитувањето на мислењето на Државниот просветен инспекторат, кој констатираше дека и покрај распишаните избори и прогласената вонредна состојба, активностите за избор на ректор не се прекинати и не се во согласност со донесената уредба од 5 јуни.

Исто така, кандидатите за ректор реагираат и дека биографиите на кандидатите не биле испратени до единиците на УКИМ, што било пропишано, а и дека УИК не воспоставила достоинствени и академски услови и постапки, како и реален роковник и затоа бараат да се поништи изборот од 26 јуни.

Петтиот приговор е за тоа дека постапката за избор на ректор се одвиваше без огласување во два дневни весници на петтиот ден на конкурсот, кој не беше даден по стопирањето на постапката по четвртиот ден поради вонредната состојба, а според критериумите, огласот на ректорската управа е 5 дена.

На 29 јуни е избрана нова УИК зашто мандатот ѝ траеше до 26 јуни. На решенијата се потпишани: проф. д-р Рина Киркова-Танеска, претседател, проф. д-р Лазе Трајковски, проф. д-р Родна Живковска, проф. д-р Румена Петковска, проф. д-р Минас Бакалчев, проф. д-р Климе Белески и Тихо Наумоски, претставник на студентите.

За ректор на УКИМ беше повторно избран проф. д-р Никола Јанкуловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.