Од денеска до 15 септември на Армискиот полигон Криволак ќе се одржуваат вежбовни активности на припадниците на Вооружените сили (ВС) на САД од составот на мисијата КФОР.

Од Генералштабот на АРМ, американските војници, по систем на ротација заедно со припадници од составот на Армијата на Република Македонија и вклучување на припадници од полските вооружени сили од составот на КФОР ќе изведуваат повеќе видови на гаѓања.

Припадници од 162. пешадиски полк на американската војска, кои извршуваат задачи во состав на мисијата КФОР, ќе реализираат гаѓања со користење на пешадиско вооружување, при што ќе се врши и меѓусебна фамилијаризација, односно извежбување на гаѓања со формациското вооружување од составот на двете армии. Помеѓу останатото ќе бидат извежбувани и изведени и заеднички тактички вежби со боеви гаѓања.

За време на втората ротација на која ќе учествуваат и припадници од воените сили на полскиот контингент од составот на КФОР на 9 септември ќе се реализира и Ден за високи гости на кој ќе бидат прикажани дел од активностите.

Во тек на извежбувањата ќе бидат спроведени повеќе активности од цивилно воена соработка при што од страна на Војската на САД ќе се спроведат донации од заштитни средства за справување со Ковид-19.

Полигонот Криволак врз основа на одличната воена соработка и поддршка од Војската на САД, претходно беше сертифициран од страна на 7. Команда за обука на копнените сили на САД, по што веќе трета година по ред е домаќин на контингентот од Војската на САД во мисијата КФОР со што се докажува како полигон кој овозможува одлични можности за изведување на разни видови воени активности на НАТО сојузниците.

Армијата на Република Македонија покрај овозможување на непречено користење на полигоните и стрелиштата на полигонот Криволак, за време на активностите овозможува и потребна воено полициска придружба за време на транспортот на војниците на САД и доколку е потребно обезбедува соодветна логистичка поддршка на активностите.

Од Генералштабот потенцираат дека со изведување на овој вид на активности се потврдува поддршката од нашиот најголем сојузник и стратешки партнер, САД при што се промовираат и можностите на нашиот најголем воен капацитет за изведување вежбовни активности од страна на Вооружени сили на странски држави.

Во процесот на планирање вежби веќе е планирано за следната година Криволак да биде домаќин на најголемата воена вежба досега „Одлучен удар 2021“ на која вежба ќе учествуваат повеќе од 4.000 припадници на Копнените сили на Вооружените сили на САД за Европа, Армијата на Република Македонија и од други НАТО армии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.