Дваесет и седум амбасадорски места сè уште не се пополнети, некои се мошне важни дипломатски центри за земјава, како САД и НАТО, а премиерот Зоран Заев вчера најави дека деновиве ќе разговара со министерот за надворешни работи Никола Димитров да се забрза процесот за пополнување на клучните, како амбасадорското место во НАТО.

Земјава се очекува мошне брзо да стане и официјална членка на НАТО, уште три ратификации ја делат од полноправното членство. Дваесет и шест земји, меѓу кои и САД, дадоа зелено светло Северна Македонија да се приклучи во Алијансата. Останува тоа наскоро да го сторат уште Франција, Холандија и Шпанија, а Протоколот потоа треба да помине и во нашето Собрание.

Сепак, таму сè уште нема назначено амбасадор, а како в.д. на веб-страницата на МНР е наведен Зоран Тодоров. Како можен кандидат се споменува советникот на Заев, Дане Талески, а вчера премиерот од собраниската говорница не сакаше да говори за имиња, но нагласи дека амбасадорот во НАТО е приоритет.

Додаде дека очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат ноември, декември, а можеби и јануари и февруари.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика што се одржа завчера, меѓу другото, говореше и за испразнетите амбасадорски позиции, но и за начините на нивно пополнување.

Нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години.

Тоа е еден еден спрема седум во однос на партизација или професионализација. Од последните десет на претходното раководство седум се целосно од надвор, односно имаат нула диполоматски стаж, рече Димитров.

Министерот за надворешни работи дополни дека со новиот закон за МНР ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите. Таму каде што ќе се испраќа политички кандидати, согласно новиот закон, појасни Димитров, ќе се воведат одредени услови за искуство, со цел да се оневозможи кој било да се праќа на амбасадорските позиции.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.