Алтернатива ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство, одлучи вечерва Цантралниот совет, највисокото тело на партијата.

Како што изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани, одлуката била донесена со мнозинство гласови во Централниот совет.

Лидерот на партијата Африм Гаши на седницата во партиското седиште во Тетово ги информирал за текот на досегашните преговори и програмските точки кои се договорени, како и за преземените обврски.

Како што наведе Муртеазни, причини за влегување на Алтернатива во Владата се историскиот момент за отворање на преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата, но и на Албанците затоа што со тоа ќе се отвори патот за евтоинтеграција на целиот регион.

Дополнително се договоривме Владата да бара меѓународна истрага за случаите каде што има сомнежи за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн. Договоривме и точки кои се однесуваат на рамномерниот регионален развој, економски развој на Липковско, заштита на семејството како јадро на општеството што е наша основна програмска дефиниција, но и заштита на цената на струјата која е исклучително важна во ова време. Сметаме дека постигнувањето на овие договори е голема победа за нашата држава, за Албанците во Македонија и пошироко, но и партиска победа на Алтернатива – соопшти Муртезани.

Тој посочи дека со влегувањето во Владата, Алтернатива докажала дека е клучот за решавање на кризата, а не само декор со четворица пратениците и дека таа ќе преземе и важни одговорности.

Ние ќе преземеме значајни обврски од областа на здравството, борбата против криминалот и корупцијата, енергетиката, организацијата на дијаспората, но и образованието, културата и подигнувањето на квалитетот на животот на граѓаните, поддршка на економскиот живот на сите граѓани на државата – изјави Муртезани.

Сите детали за договореното околу влегувањето на Алтернатива во Владата, ќе информираат лидерот на партијата Африм Гаши и премиерот Зоран Заев, кои свечено ќе ја потпишат програмата за заедничко дејствување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.