По неуспешната интерпелација и неприфатена оставка по трагедијата во тетовската болница, Венко Филипче сепак го напушта Министерството за здравство. По коалицискиот договор Заев – Гаши, еден од најважните сектори во екот на ковид пандемијата го презема Беким Сали – повеќегодишен кадар на Алтернатива, стоматолог и дел од бизнисот со текстил.

Адмирим Алити од партијата на Гаши во новиот владин кабинет ќе го предводи Министерството за информатичко општество и администрација.

Според инфомации кои ги објави Сител промени не се очекуваат помеѓу секторите и кадрите на ДУИ. Интегративците го преземаат Министерството за земјоделие кое најверојатно ќе го предводи сегашниот министер за информатичко општество, Јетон Шеќири.

Најголеми промени најавува владејачката партија, но засега без детали за јавноста. Од партијата брифираат дека наследникот на Заев, Ковачевски води интензивни преговори и со актуелни и со поранешни членови и партиски функционери, а резултатот од овие разговори се очекува да биде целосна промена во секторите образование, труд и социјална политика, правда, евроинтеграции и одбрана.

Политичките аналитичари сепак сметаат дека оваа реконструкција е повеќе за да се задоволат партиските апетити. Според Сефер Селими ниту новата Влада нема лесно да се справи со сите предизвици и на меѓународен и на внатрешен план.

Сепак зголеменото мнозинство од 64 пратеници според Селими остава можност оваа гарнитура да биде одржлива до редовните избори во 2024 година.

Според најавите од владејачката партија премиерот Заев ќе ја депонира својата оставка од премиерската функција во среда, веднаш по новогодишното обраќање на Пендаровски пред пратениците. По овој чекор, се поизвесно е дека новата влада ќе се гласа по новогодишните празници.

На редовната владина седница во вторник пак се очекува да бидат назначени новите директори на МЕПСО, Клиничката болница во Тетово, ПИОМ, АД Железници, Управата за водење матични книги и Агенцијата за странски инвестиции со кадрите кои вчера вечер ги утврди Алтернатива.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.