Со години ветувањата на власта за алпски воздух во Македонија се „мало сутра“, сега министерот за животна средина Насер Нуредини е без план и стратегија при повторно очекуваното загадување, па дури ги обвини граѓаните дека биле виновни за загадувањето. „Причината за ова е што граѓаните се враќаат дома и го вклучуваат греењето, но тоа не се само домовите на луѓето, туку и други објекти во државата, а потоа имаме и воздушен притисок. Значи, една од причините, за жал, е греењето во нашите објекти и домови.

Друга причина дефинитивно е индустријата што треба да се контролира, и можеби треба да има поригорозни контроли во иднина“, ќе каже министерот Нуредини. Имено на темата загадување Европската комисија во извештајот потенцираше дека властите тешко се справуваат со загадувањето, особено затоа што една партија ја има и централната и локалната власт.

Сега се наоѓаме на праг на грејната сезона, а веќе ги чувствуваме првите последици од загаденоста, додека министерот за животна средина вели дека граѓаните се криви, без стратегија и план ја дочекуваме сезоната на загадување. Минатата година во Македонија умреле 3,000 луѓе од аерозагадување, а колку ќе биде бројот на починати оваа година, ако се земе во предвид дополнителниот фактор на пандемија. По студија објавена во меѓународното списанието „Кардиваскулар рисерч“ истражувачите посочуваат дека загадувањето на воздухот може да ја зголеми смртноста од КОВИД-19 за 15 проценти. Нуредини пред два дена вели дека инвертер климите не се решение за загадувањето на воздухот, но за истите Владата доделуваше субвенции и помпезно ги најавуваше дека ќе биде супер успешна мерка против загаденоста, ефектот од нивното користење и потрошените пари сеуште никој не го анализираше.

По високиот степен на присутност на штетните честички во одреден број на градови низ Македонија деновиве, ниту Владата, ниту министерот за животна средина сеуште не излегоа да соопштат било каква конретна мерка која планираат да ја спроведат за намалување на загадувањето на воздухот, па се чини дека ветувањата за алпскиот воздух повторно и оваа година ќе останат во магла.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.