Според „Алмакос“, ова е еден вид на порака до Албанците и нивните политички претставници за евентуалната нивна поддршка во определбата за консезуален кандидат.

Порталот смета дека кога пред две години премиерот Зоран Заев го избра Никола Димитров за министер за надворешни работи на Македонија било големо изненадување за јавноста.

Изненадувањето било предизвикано од неговото „фамилијарно педигре и неговиот политички ангажман. Тој со години важеше за докажан ВМРО-вец. Во 2008 година тогашниот претседател на Македонија Бранко Црвенковски го смени од преговарач за името затоа што ја поддржуваше националистичката позиција на Груевски дека со Грција не треба да преговараме, туку да ја тужиме”.

Тогаш Димитров стана ко-застапник, заедно со Антонио Милошески, на тужбата на Македонија против Грција пред Меѓународниот суд во Хаг.

Потоа, како награда, Димитров две години беше дел од тимот на Никола Груевски како негов советник за надворешна политика и 4 години амбасадор во Хаг каде што, според упатените, главна задача му била сервисирање на потребите на воениот злосторник Јохан Тарчуловски кој беше осуден на 12 години затвор за убиство на 10 Албанци во Љуботен.

Во 2015 година Димитров ја оформи т.н. амстердамска тројка чија цел беше длабока реформа во ВМРО-ДМПНЕ и смена на Груевски од лидерската позиција во партијата.

Во последниве неколку месеци, Димитров со агресивна кампанја се обидува да го подигне својот рејтинг, особено меѓу албанските гласачи во Република Македонија затоа што неговата наредна цел се претседателските избори годинава.

Со цел Албанците да не наседнат, по кој знае кој пат, на луѓето кои се претставуваат како демократи и космополити, пишува Алмакос, објавуваме делови од интервју кое Димитров го дал за Утрински весник во август 2001-та година.

Според медиумските извештаи од тој период, Димитров ги напуштил преговорите во Охрид затоа што не се согласувал со концептот на Рамковниот договор кој, според него, не бил заснован на граѓански, туку на етнички принцип. Во споменатото интервју Димитров на широко ја образложува својата позиција и вели дека некои решенија во Охридскиот рамковен договор ќе ја дестабилизираат и поделат Македонија. Еве неколку тези од тоа интервју со кое Димитров застанува на тврди националистички позиции, слични на оние на Ѓорги Иванов, кој тогаш, во 2001 година, исто така напиша дека договорот од Охрид ќе ја растури државата.

Самиот наслов на интервјуто („Решението за полицијата има потенцијал да ја подели Македонија”) имплицира дека решението за полицијата во Рамковниот договор, може да ја подели Македонија. Негова прва спорна теза е дека сите македонски граѓани ја конституираат македонската нација, што никогаш не било точно, бидејки Албанците никогаш не биле дел од македонската нација.

Во еден дел од интервјуто тој вели дека Албанците имаат друга матична држава, а тоа не е Македонија, што според Димитров, значи дека тие се овде доселеници, на кои ако не им се допаѓа можат да побараат алтернативни места за живеење.

Димитров исто така вели дека пред 2001 година немало мајоризација од Македонците врз Албанците (!?) за сега да се измислуваат специјални процедури кои со договорот (мисли на т.н. Бадинтерово мнозинство) ќе ја спречат таа мајоризација. Притоа, Димитров не кажува колку Албанци биле вработени во МНР каде што работел со години или во МВР пред 2001, бидејќи решението за полицијата особено му пречи.

Решението за полицијата, според него, нема никаква допирна точка со држава базирана на граѓански концепт, и тврди дека тоа води кон „федерализација или боснизација на Македонија”.

Како што можеме сите да видиме, 18 години подоцна Македонија не се распадна заради Рамковскиот договор. Напротив, со унапредување на правата на Албанците се засили нивната лојалност кон државата. Како што е познато, токму заради Рамковниот договор Македонија доби кандидатски статус во ЕУ, а неговата имплементација, освен договорот за името со Грција е главниот предуслов за влез на Македонија во НАТО.

На крај, Алмакос заклучува дека останува само дилемата дали Албанците, уште еднас, после катастрофата со Ѓорги Иванов ќе му дадат поддршка на човек кој ги третира за дојденци во „неговата” земја и кој смета дека унапредувањето на нивниот статус и права се закана за стабилноста на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.