Советникот на ДУИ, Нефи Усеини добивал тендери од претпријатија во сопственост на Општина Охрид, каде е и член на Советот. Според Алијанса за Албанците, Усеини во рок од две години од општински претпријатија добил осум тендери во вкупна вредност од 225.000 евра.

Нефи Усенини е советник во Советот на општина Охрид од редовите на ДУИ. Воедно од компаниите што ги води градот Охрид, неговата компанија „НЕФИ ИК“ добива тендери со висока вредност. За две години, има добиено 8 тендери во вредност од 225,000 евра. Неговата компанија „НЕФИ ИК“ има потпишано 5 договори со ЈП “Охридски комуналец“, 2 договори со ЈП “Градски гробишта“ и 1 договор со ЈП “Нискоградба Охрид“. Неговата компанија „НЕФИ ИК“ ја одржува и депонијата Буково, која беше запалена пред неколку недели. Одржувањето на депонијата со тендер од ЈП “Охридски комуналец“, во вредност од над 47.000 евра, велат од партијата на Зијадин Села.

Од таму потсетуваат на вчерашниот физички напад на Усеини, кој му се закани со смрт на професорот Илјаз Илjази кој случајот со див приклучок на вода го пријавил во полиција.

Ова е трет напад за неколку месеци каде учествува Нефи Усеини. Во април го нападна инспекторот од Скопје кој беше заминат во Охрид за да изврши увид во дивоградбата на охридскиот советник. Во јуни, Усеини физички го нападнал својот колега од советот, Џелал Мена. Институциите молчат. Општината молчи за нелегални узурпации и приклучоци. Сите молчат и се преправаат како да ништо не се случило. Со полна уста зборат за спроведување на законот, но продолжуваат со старата песна. Кога станува збор за моќниците од ДУИ, тогаш може да се користи само аргументот на сила и никому ништо, за неколку дена сè ќе биде заборавено, велат од Алијансата.

Од таму обвинуваат дека државните институции се фатени од страна на партнерите во владејачката коалиција.

Додека обичните граѓани се казнуваат секој ден од разни општински и државни инспекции, ова како да не важи за милениците и криминалците на ДУИ и СДСМ! Во последно време во медиумите неколку пати сме слушнале за бетонската база „НЕФИ ИНВЕСТ“ лоцирана кај Охридското Езеро, која што е дивоградба. Нефи Усенини започна со изградба на бетонската база пред пет месеци, без потребната документација, без одобрение за градба и без еколошки дозволи. Зелениот простор кај Охридското Езеро се претвори во градилиште. Изградбата на објекти во оваа област е строго определена, а самата област е заштитена од УНЕСКО, што значи дека е строго забрането изградбата на овој вид објекти кои можат да предизвикуваат еколошки проблеми. Неофицијално, парцелата на која е изградена бетонската база е во сопственост на Исламската верска заедница, велат од Алијансата.

Исто така, додаваат од таму, медиумите информираа и за узурпација на јавен имот и нелегална изградба на комерцијалниот хотелски објект „Луна“ во стариот дел на градот Охрид.

На свеченото пуштање во употреба на овој бесправно изграден хотел присуствуваше и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Согласно Законот за градба, нелегалното градење претставува кривично дело, во случајов иако е познат сопственикот на објектите – против него не се преземаат никакви правни мерки: не му се рушат  бесправно изградените објекти и не се гони кривично. Дури и градоначалникот на Охрид – Константин Георгиевски, иако е должен да го спроведе законот, тој се обидува да ги прикрие делата на Нефи Усеини и да му помогне да спроведува планови, посочуваат од Алијансата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.