Алијанса на Албанците (АА) најверојатно ќе добие три министерства во владата на Димитар Ковачевски, брифираат за „Плусинфо“ извори од оваа партија. Ресорите правда и здравство наводно веќе се капарисани, а од рокадата на министерствата меѓу СДСМ и ДУИ зависи дали третиот ресор ќе биде образование, екологија или земјоделство.

Поделбата на пленот ќе биде позната по денешната средба во Владата помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса, Арбен Таравари. Добро упатени извори, сепак, велат дека програмските разлики, доколку воопшто ги има, лесно ќе се испеглаат и дека во ваквите преговори секогаш доминира поделбата на министерствата, на заменичките и на директорските места и на другите привилегии.

Лидерот на алтернативците засега молчи, но затоа други брифираат и отворено зборуваат дека оваа партија сѐ уште не ги добиле сите раководни позиции кои им биле ветени кога влегле во владата, а сега наводно треба да се откажат и од други позиции заради влезот на АА.

Сепак, извесно е дека ДУИ нема да ги жртвува своите силни позиции во владата на Ковачевски. Извор на „Плусинфо“ близок до СДСМ проценува дека и тоа нема да биде пречка да дојде до окрупнување на владејачкото мнозинство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.