Алфа дознава дека се „крои“ Конзервативна партија која ќе треба на своето конто да ги привлече членовите на опозициската партија кои размислуваат прозападно. Како клучни играчи во целата операција се споменуваат имињата на министерот за надворешни Никола Димитров и неговиот претходник, пратеникот Никола Попоски, кои би требало да го истуркаат целиот процес. Двајцата, пишува во текстот на Алфа, која се повикува на свои извори, ја гледале својата шанса поради дипломатското искуство и угледот кој го стекнале низ годините во односите со меѓународните претставници дека ќе ја добијат поддршка од Западот и за овој проект.
Попоски и Димитров не одговараат на повици.
Доколку се реализира, новата партија би била директен конкурент на ВМРО-ДПМНЕ, но колку и сериозен, одговорот би бил познат веќе на претседателските избори.
Анкетите говорат дека во пресрет на изборите напролет расте поддршката за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кој според проценките би можел да биде комотен со освоени околу 400 илјади гласови. Во таков случај ваквата иницијатива би се покажала како безпредметна, што не би било првпат со оглед на обидите од изминатите години во ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку сега актуелниот шеф на дипломатијата својата дипломатска кариера ја изгради како дел од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога беше амбасадор во Вашингтон и главен преговарач за името. Доби понуда за амбасадорско место и во Москва, но ја одби поради ангажманот во организација во Хаг. Никола Попоски пак во 2010 година беше именуван за амбасадор на Македонија во мисијата на ЕУ во Брисел. Од 2011 до 2017 година беше прв човек на Министерството за надворешни работи.
Извор: Алфа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.