Дали се отстапувало од документацијата при градбата на станбено деловниот комплекс „Космос“ синот на Фијат Цаноски, Сефер не знаел, но се обидел своите пријателства со политичарите, пред се со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, да ги искористи за да спречи рушење на објектот, чија завршна градба се разликувала од она што е предвидено со дозволата за градење.
Покрај Јанакиески, Цаноски стапил во контакт и со поранешниот премиер Никола Груевски, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, Муса Џафери, а неговиот татко пак помош побарал директно од градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, ова денеска пред судот во случајот ТНТ на Специјалното јавно обвинителство, го кажа Сефер Цаноски.

Кога разбрав дека дозволата е одземена пробав да стапам во контакт со Миле Јанакиески, Никола Груевски, Али Ахмети, Муса Џафери. Го замолив Груевски да не оди во таа насока, кажа денеска Цаноски пред судот.

Сефер Цаноски не беше сигурен ни точно кога биле остварени средбите, пред судот кажа дека биле откако била одземена дозволата, а во исказот пред СЈО дека тие биле остварени пред тоа.

Мислам дека наведените средби се остварени еден до два месеци пред да се одземе дозволата за градба на Космос, кажал Цаноски во својот исказ пред СЈО.

Покрај средбите со политичарите од тогашната власта, Цаноски разговарал и со Орце Камчев, кој бил негов сосед, бидејќи тој бил близок со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во обид да го спречи рушењето на „Космос“.

Иако Сефер Цаноски пред судот тврдеше дека тој нема никаква функција со фирмата ФИНЕ ДОО, барањето за подготвителниот проект било потпишано токму од него и тоа пред добивање на одобрението за градба.

Пред судот денеска во улога на сведок беше и директорот на Агенцијата за Катастар, Борис Тунџев, кој во 2011 година бил потписник на геодетскиот елаборат, кој бил направен по барање на фирмата на Фијат Цаноски. Тој кажа дека со фактичката состојба каква што била во тој момент „Космос“ не можел да се впише во катастарските книги.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.