Најави ли еврокомесарот за проширување Јоханес Хан дека Македонија ќе преговара три децении? Во интервју за австриската новинска агенција, АПА, Хан дури ја отвори и можноста по поразот во Унијата на тема проширување, француското вето да биде и трајно вето. Потенцира дека преговорите на новите членки би отпочнале дури по реформите во процесот, а потоа следуваат и самите преговори, анализира Алфа.

И едното и другото ќе траат со години и ако ја следиме линијата на Макрон, и би се одело едно по друго, тоа во пракса би значело дека перспективата за членство во ЕУ може да стане реалност дури по 30 години – изјави Хан за АПА.

На дебаклот на Заевата влада со датумот, му претходеа и неколку признанија, кои го објаснија она што мнозинството граѓани и онака го знаеше. Едно од нив беше и од претседателот Пендаровски, кој буквално призна дека го смениле името за датум од ЕУ, а по него и Заев кој почуствува силна горчина и посака да му кажеле пред да го смени името на државата.

Познавачите на состојбите, велат дека владата покажа огромно непознавање на надворешната политика. Професорот и поранешен амбасадор, Јован Донев, за Алфа вели дека Собраниска комисија треба да ги утврди грешките и некој да одговара за срамот на државата.

Да видиме што ни направи извршната власт, зошто се девалвиравме како држава, зошто сменивме име, а не добивме ни датум. Тоа е многу сериозно прашање за да така преку него се помине и ке продолжиме така нели. Ние ќе се молиме, ко денеска, Заев вели ова ни враќа надеж. Ти можеш да се надеваш колку сакаш, но ако твојата дипломатија не работи, што со тоа? Тоа е невозможно однесување! – посочи проф. д-р Донев во емисијата „Што не е јасно?“

Се отвора и прашањето – ќе се бара ли одговорност и за некоректното, нејасно референдумско прашање, кое нудеше членство во ЕУ и НАТО во замена за промена на уставното име, изјаснување кое и покрај ваквите политички игри заврши неуспешно.


Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.