Се разгледува можноста на сите повредени во несреќата кај Ласкарци, на кои им е наплатено за лекување во болниците каде што биле третирани, да им се вратат парите, велат од Министерството за здравство, од каде што две недели по објавата на Алфа, признаа дека сепак, имало пропусти. Претходно оттаму во телефонски разговор посочија дека ќе им се вратат средствата на оние на кои им се земале пари, но во одговорот во писмена форма наведуваат оти, за рефундација, сепак, само се разгледувала можноста, појаснувајќи дека треба да се најде правна рамка за да се оствари ваквата замисла.

-На вкупно 9 пациенти е наплатена партиципација за пружени здравствени услуги на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ – Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимиција, интезивно лекување и ургентен центар. Станува збор за административен и технички пропуст. Во рамки на законската регулатива се разгледува можноста и за рефундација на средствата. Пациентите кои сакаат да им се рефундираат средствата можат да побараат информации во Министерството за здравство, велат оттаму.

Минаа четири месеци од сообраќајната несреќа, а повредените, по објавата на Алфа пред неколку дена добија парична помош од 15.000 денари од општина Гостивар. Парите од Град Скопје ги добија денеска. Изговорот зошто дури сега се реализираат одлуките за финансиска помош од страна на локалните власти, и од Град Скопје и од Гостивар беше ист „изборите ги одложиле исплатите“. За потсетување, изборната кампања започна во април, а одлуките на Град Скопје и општина Гостивар беа донесени во февруари.

Дел од повредените досега немаат земено финансии ниту од осигурителната компанија. Отштетатата, ќе си ги бараат по судски пат.

Во сообраќајката кај Ласкарци, кога гостиварскиот автобус на „Дурмо Турс“ излета од патот на 13 февруари загинаа 16 луѓе, а со повреди се здобија триесеттина. Обвинителството констатира дека причината за несреќата се неисправност на возилото, поточно на сопирачките, и брзо возење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.