Ќе се повлече ли Кирацовски од пратеничката функција, откако во четвртокот неговиот шеф, премиерот Зоран Заев, побара не само оставки од оние кои се вработени спротивно на законот, туку буквално нареди функционерите поврзани со скандалите за непотизам- без да посочи ниту едно име, да си понесат политичка одговорност?

Алфа директно го праша генералниот секретар на СДСМ и пратеник: ќе ја стави на маса својата оставка пред Заев, но одговор не стигна.

А Заев нареди:

-Антикорупциска покажа дека има систем. Утврди каде има а каде нема непотизам. Давам наредба како претседател на Влада до владините институции на лицата што се вработени на тој начин веднаш да им се прекинат работните односи и да се повлечат назад. А за функционерите што помогнаа при вработувањето сами да се повлечат од функциите и да преземат политичка одговорност, порача Заев на 25.4. 2019.

Кирацовски е лидер по бројот на сомнителни вработувања на роднини. Дали за него зборот на Заев нема авторитет, или пак е сето ова само една фарса предизборна, односно наредбите на премиерот нема да натераат никого да си даде оставка и ова ќе заврши како неколку скандали претходно- кои се подзаборавија? Расплетот ќе се види многу скоро, оти премиерот порача дека до 5 мај не смее никого да разрешува, а дали потоа ќе му го покаже излезот на Кирацовски без можност за назад, веќе од 6ти мај ќе видиме.

И не само на Кирацовски, антикорупциска непотизам констатираше и во случајот на сестрата на министерот Бектеши, потоа синот и мајката на пратениците Мира Стојчевска и Костадин Костадинов, сестрата на министерот култура Асаф Адеми, кај сопругот на државниот секретар во МНР, Магдалена Несторовска, како и кај роднина на прилепскиот градоначалник Илија Јовановски.

Авторитетот на Заев изгледа не важи ни за министерот Бектеши. Тој рече вина не чувствувал, ама ќе ја плател глобата ако требало. Политичка одговорност не споменуваат ниту останатите посочени од антикорупциска.

Кирацовски само објави дека побарал од неговите роднини: сестра му и таткото и мајката на неговата сопруга да си дадат отказ, иако како што вели „никако не влијаел врз нивните вработувања“.

Ќе ја употреби ли Заев метлата што му ја дадоа неговите сопартијци?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.