На скандалозните изјави и однесување на Зоран Заев им нема крај. Зоран Заев вчера по којзнае кој пат покажа дека за него загубата на човечки животи не значи ништо. Тој и неговата банда околу него продолжуваат да се однесуваат како ништо да не се случило. Трагедијата која што се случи во модуларната болница во Тетово и жртвите кои што ги зема истата, Зоран Заев без око да му трепне, ги стави во ист кош со градба на тераси и кафеани, изјави денеска за медиумите, Александар Велјановски, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, Зоран Заев вчера изјави, цитирам „Сите знаеме дека државата не градеше со одобрение за градба, статики, локациски услови како што се градат сите болници “. И замислете, за ваква изјава тој се’уште не е повикан во Јавното обвинителство. Во секоја нормална демократска држава Зоран Заев после ваква изјава од позиција на премиер на истата, ќе беше повикан во Јавното обвинителство и ќе беше отворена истрага против него, но и против целата Влада која е дел од процесот на поставување на модуларните болници, вели пратеникот.

Велјановски потенцира дека со оваа изјава Зоран Заев призна дека модуларната болница во Тетово, во која живи изгореа 14 луѓе, немала ниту одобрение за градба, ниту се знае дали се исполнети условите за статичност на објектот, со други зборови несреќа од ваков или сличен тип можела да се случи и при било која друга временска непогода.

Ова признание на Заев кажува дека свесно како Влада и предале на болницата во Тетово објект кој е темпирана бомба. За Заев банална е несреќата во Тетово. Банално било тоа што му барале оставка за трагедија во која живи изгореа 14 луѓе, тоа се 14 луѓе на кои тој како премиер бил должен да им обезбеди услови за лечење, а не за смрт. Не е банална ниту несреќата, ниту барањата за оставки. Банален е Заев. Банално е тоа што трчале по провизии наместо да изградат болница по стандарди. Банално е тоа што не преземаат одговорност зошто болницата немала противпожарна заштита. Банално е тоа што нема обвинителство кое ќе го истражи давањето на мито. Банално е во болница да недостига персонал и да нема кој да ги негува пациентите. Банално е тоа што Заев спореди несреќа во која живи изгореа 14 луѓе со летна тераса во кафеана. А срамно е тоа што Заев и Филипче наместо да си поднесат оставки, тие банализираат се’ само за да останат на своите удобни фотелји, посочи тој.

Велјановски порача дека за сето ова, за сите обиди на Заев и власта да релативизираат и потценуваат, но и да заташкуваат трагедија која однесе 14 невини животи, кога тогаш, кога ќе се створат услови, ќе има одговорност за сите инволвирани во овој трагичен настан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.