Важноста од спроведување на успешен попис, во контекст на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година, беше во фокусот на денешната средба на националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски со претставници на српската етничка заедница во Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот присуствувале претставници на граѓански здруженија, како и Милутин Станчиќ, директорот на Управата за унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците.

Заклучокот на средбата беше дека за да имаме успешен попис неопходна ќе биде вклученост на сите. Само на тој начин ќе имаме попис со релевантни податоци кои се основата за креирање на квалитетни политики кои одговараат на потребите на сите – соопштија од Владата.

Посочувајќи дека претстојниот попис е многу важна операција за добивање статистички податоци за лоцирање на потребите од преземање мерки во поглед на подобрување на животниот стандард на најмаргинализираните категории граѓани, на состанокот била упатена порака за потребата од широка поддршка од сите заедници на овој методолошки процес.

На состанокот, присуствувала и Јасмина Ѓоргиева, координаторката на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика која ги презентирала најважните аспекти од процесот, со особен осврт на самото попишување.

Од сите присутни било поздравено тоа што секој граѓанин доколку побара ќе може да биде попишан на својот мајчин јазик, независно дали е тоа македонски, албански, српски, турски, влашки, ромски или босански јазик.

Исто така, на средбата се разговарало и за заштитата на личните податоци и безбедноста на целиот процес на попишување.

Разменети биле и информации за важноста на пописот како статистичка сложена операција, која ќе даде одговор за бројноста на населението, семејствата и живеалиштата, со цел преземање на соодветни политики за создавање еднакви животни услови за сите категории граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.