Бројот на активни случаи во државава изнесува 13.008 од кои најголем број 5.798 се во Скопје. Во Тетово има 1.051 активен случај, во Куманово 914, во Струга 656, во Охрид 653, во Гостивар 569, во Струмица 511, во Кичево 480… Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје, при направени 4.384 тестирање, регистрирани се 561 случај со Ковид-19, 29 починати и 507 оздравени пациенти.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 186.010, бројот на оздравени пациенти е 166.606, а на починати е 6.396.

Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со средата и во текот на вчерашниот ден, вакцинирани се вкупно 767.652 граѓани. Прва доза вакцина во средата и во четвртокот примиле 3.407 граѓани, а вкупно се вакцинирале 22.581 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.435.392 дози вакцини, а ревакцинирани се 667.739 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера уште еднаш апелираше граѓаните да се вакцинираат, бидејќи опфатот е се уште мал. Тој забележа дека по секое воведување на нова мерка, интересот за имунизација расте, но потоа, по извесно време, се намалува.

Изминативе неколку дена ист е бројот на новодијагностицирани, 500 до 600. Тешко е да  се каже дали оваа бројка ќе бележи пад. Вакцинацијата добро се спроведува на сите пунктови. Последните денови има намалување на интересот и е околу 2.000. Вкупно се вакцинирани 767.000 граѓани. Вирусот се шири и има тешка форма меѓу невакцинираните, над 90 отсто од сите починати се невакцинирани и од вкупнодијагностицираните 30.000 граѓани од 6 до 16 септември 21 процент се вакцинирани. Апелирам граѓаните да се вакцнириаат, се уште е мал опфатот. Потребен е многу поголем процент за да постигнеме целосен имунитет и да се смени сликата со пандемијата, рече Филипче.

Во изминатите десетина дена бројот на слободни кревети во Скопје е константен, 30 на интерните клиники, три одделенија се ангажирани, а другите работат нормално.

Од октомври, таму каде што се бараше потврда за само една доза вакцина, ќе се бара сертификат за целосна имунизација, со две дози, рече Филипче.

Ова, појасни, е новата мерка што ќе се воведе најверојатно идниот месец. За други рестрикции засега не се размислува.

Бројката на новодијагностицирани со Ковид во моментов е слична на онаа од изминатите денови, а нема ниту зголемен број хопспитализирани деца. Дали ќе се менува нешто во образовниот модел, ќе се знае откако ќе биде готова експертската анализа. Резултатите од анализата за опфатот на вакцинацијата и возрасната група на дијагностицирани, се очекуваат во сабота и ќе бидат идникатор и за тоа дали евентуално ќе се предложат дополнителни мерки. Потоа, во недела или понеделник, се очекува состанок на надлежните.

Според Филипче, за задолжителна вакцинација е се уште рано иако не е исклчучено дека ваков потег ќе направат некои земји до крајот на оваа или идната година.

Единствено нешто на што засега размислуваме е да биде дозволен влез со целосна имунизација таму каде што досега се бараше една доза вакцина. Но, ќе оставиме доволно време, две или три недели, за граѓаните, затоа и најверојатно оваа мерка ќе се воведе во октомври. За задолжителна вакцинација е се уште рано, но не ја исклучувам можноста. Некои земји можеби идната година ќе воведат и таква мерка, но засега граѓаните треба да се свесни и да одговорат на апелите да се вакцинираат, зашто тоа е единствен начин за борба против пандемијата, истакна Филипче, потенцирајќи и дека токму каде што е најголем опфатот со вакцинацијата, Охрид, Ресен, Вевчани, Неготино, Кавадарци, најмал е притисокот врз болниците, а онаму каде што има најмалку вакцинирани, како во Тетово и Гостивар, притисокот е огромен.

Тој нагласи дека целта е да се донесат одлуки врз основа на аргументи, да се потврди за каква специфична ситуација по региони станува збор. Децата, рече, се трансимитери, но родителите се заштитени ако се вакцинирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.