Два големи пожара се активни во Прилепско. Едниот е раширен на потегот Топлица-Ракле-Никодин е активен веќе три дена, а од синоќа избувна шумски пожар кај Смолани. Зафатена е нискостеблеста шума, а постои опасност пламените јазици да ја зафатат блиската борова шума.

Од изутрината на помош на пожарникарите и на вработените во шумското претпријатие се и 30 припадници на Армијата. Тоа е со одлуката на прилепскиот Кризен штаб по синоќешниот вонреден состанок.

Според најновите информации од командирот на прилепската Противпожарна единица Виктор Стојчески, локализиран е најнискиот дел од кракот на пожарот на потегот Топлица, во близина на магистралниот пат Прилеп-Градско и наскоро треба да биде целосно изгаснат.

Пламените јазици се во високиот, тешко пристапен дел кај Ракле. Имаме 15 пожарникари на теренот, тука се вработените од шумското претпријатие како и припадниците на Армијата, а дел пративме на помош да бидат кај новоизбувнатиот пожар кај Смолани, објаснува Стојчески.

Изгаснат е пожарот кој од 2 август беше активен кај Канатларци и Подмол. Кризниот штаб побара да бидат подготвени јавните комунални претпријатија кои, доколку се укаже потреба, ќе бидат активирани како помош во гаснењето на пожарите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.