Некои државни службеници, пред сè полицајци, во своето грубо однесување достигнале до таму што ги пцуеле месните граѓани со „мајката македонска“ и „мајката српска“. Или – „Забранувам безусловно заедничко живеење, општење и дружење со лица што не се Бугари, а особено со жени“.

Ова се само главни извадоци од втората наредба на директорот на Скопската област, Антон Козаров до административните органи во Областа од 18 јуни 1941 година, што значи само два месеци по првата негова наредба од 16 април, по окупацијата на Вардарска Македонија од страна на бугарската армија.

Наредбата е содржана во трудот „Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ“ на Љубен Лапе, што е објавен во 1975 година, а сега е составен дел од трудот „Државно-правна историја на Македонија-Извори“ на проф.д-р Билјана Поповска од Правниот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Двата примера укажуваат на многу работи, но клучни се две. Прво, покрај лошиот однос спрема локалното население, како одделни бугарски полицајци посебно пцуеле „мајка македонска“ ако таа почнала да постои од 2 август 1944 година? И второ, наредбата го отсликува строгото почитување на Нирнбешките закони од страна на Царството Бугарија и неговите напори за создавање чиста бугарска раса.

Група бугарски полицајци позираат пред исечени глави на македонски партизани во прилепско во 1942 година. Според грчки извори, фотографијата е од Драмското востание во 1941 година

Но, во името на политиката и културата на помирување и сеќавање за да не се повтори, втората наредба на директорот на Скопската област, Антон Козаров, ја пренесуваме во целост:

„Присоединувањето на големи области чисто бугарски земји, кои територијата на бугарската држава ги оствари историските претензии на бугарскиот народ еднаш за секогаш и не беше тешко да се сфати дека тој крупен историско-политички факт наметнува да биде мобилизирана националната, физичката и духовната сила на нацијата, која да се впрегне во неуморната деноноќна работа, за да може за кратко време да се постигне не само територијално зголемување на бугарската држава, туку да се оствари и духовното едиство на новозабележените граници на Бугарија.

Таа тешка и одговорна мисија бугарската влада ја наметна, со полна доверба, врз службената интелигенција, во лицето на испратениот по разни установи персонал, за уредување на службите во новоослободените земји.

И според тоа, бугарскиот чиновник е должен правилно да ја оцени својата улога во историскиот процес на духовното обединување и превоспитување на новоослободените Бугари.

Нормално, тоа ќе наметне извесни скршнувања или поправо едно раширување на нашиот службенички светоглед при дејноста во новоослободените земји, во споредба со службената дејност во старите предели. Овде службеникот, паралелно со својата непосредна службена дејност, треба да се јави и како важен воспитен фактор. Или, поправо речено, сувиот службен догматизам треба да му отстапи место и на граѓанското воспитание.

Да не му е никому чудно дена меѓу новоослободените Бугари се забележуваат во некои случаи доста негативни појави, кои се својствени како граѓанска пројава во старите предели. Тоа лесно може да се протолкува.

Населението од новоослободените земји со десетици години се наоѓало под нарочито дејствување на завојувачот и затоа се нанесени некои повреди врз неговата психа, личниот и општествениот порал. И токму поради тоа не треба грубо да бидат негирани тие манифестации. Не треба строго и навредливо да бидат судени.

Неопходно е топло, воспитно дејствување врз тие наши браќа. Тоа неоспорно ќе даде повеќе и подобри резултати. Меѓутоа, и покрај се, има испратени државни службеници, кои не можат да се ослободат од својата бирократска нетактичност и недоволната просветеност и со своето држење, наместо да придонесат за градење на духовно единство, издигнуваат студен ѕид меѓу себе и населението.

Не се ретки случаите кога службениците пројавуваат прекумерна нервоза, раздразнетост и избувливост, најчесто пред посетителите. Со таквото држење тие чиновници подвлекуваат дека службата во новоослободените земји им тежи и во населението создаваат убедување дека е презирано и третирано одвај ли не како под српскиот режим.

Дури и јавно, гласно искажуваат навредлива оценка за менталитетот на населението, а што последново го тера да мисли дека го сметаат за подолна категорија од населението во старите предели, а тоа значи да ја урне секоја духовна врска меѓу органите на власта и последното.

Забележани се и уште пожални случаи. Некои државни службеници, пред се полицајци, во своето грубо однесување достигнале до таму што ги пцуеле месните граѓани со „мајката македонска“ и „мајката српска“. Такви случаи се констатирани во градовите Скопје и Велес, а веројатно ги има и во други места. Има исто така поплаки дека службениците им велеле на Бугарите дека се божем Срби. Излишно е да истакнувам каква пакост нанесуваат сличните државни службеници.

Еден од најуважните услови за да се спечали почит кон државниот службеник е личниот пример. Спротивно на деморализираното српско чиновништво, бугарскиот државен службеник треба да биде пример на работливост, чесност, воспитание и морал. За жал, и овде се допуштени некои пројави, кои скандалозно го уриваат престижот на бугарскиот службеник.

Имајќи го сето ова во предвид НАРЕДУВАМ

1) Ги предупредувам сите држави чиновници, кои се испратени во областа, да бидат свесни дека државата им ја поставила високата историска мисија да се посветат на предана служба за изградба на духовното и национално едиство на целиот бугарски народ, а тоа значи дека тие немаат право на лични чувства и расположенија, туку пред се треба да ги имаат предвид интересите на големата духовна и национална заедница Бугарија.

2) Секој државен службеник треба да ги одмери своите службени и лични дејствувања, на начин сериозен и најмногу ненавредлив за населението.

3) Државното чиновништво треба да навлезе во духовниот и општествениот живот на населението и таму да биде морален и раководен фактор. Сите општествени иницијативи треба да бидат раководени и ориентирани од државните службеници, кои да ги вложат таму своите знаења, искуство и подготвеност.

4) Да не се избегнува контактирање со месното население, туку напротив, во духот на бугарската традиција и врз основа на почитување, да се создава близина која ќе биде предуслов за единствена општествена дејност.

5) Началниците на службите да водат сметка за службата и поведението на своите потчинети, да им даваат упатства, а за прекршоци да изрекуваат брзи казни.

6) Забранувам безусловно заедничко живеење, општење и дружење со лица што не се Бугари, а особено со жени.

7) Пијанството и неморалниот живот се исто што и свесна провокација и затоа врз тоа нека се обрне особено внимание.

8) Ниту еден државен службеник не смее да се настани во ебугарска куќа, таму каде што има такви, и

9) Дејствувањата на сите служби треба да бидат насочени главно кон брзото задоволување на потребите и заштитата на интересите на бугарското население во рамките на законите и разумот, избегнувајќи развлекувања, искривувања и друго.

Извршувањето на оваа наредба им го ставам во задача на началниците на службите.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.