Специјалната обвинителка Катица Јанева трети ден не оди на работа во СЈО, а службите во обвинителството сѐ уште проверуваат дали отворила боледување.

Обвинителката Ленче Ристоска за „Република“ потврди дека и специјалната јавна обвинителка е опфатена со Законот за работни односи, според кој доколку работникот неоправдано отсуствува од работа три последователни работни дена, му следува откажување на договорот за вработување без отказен рок.

Според законот, Јанева веќе е опфатена со точката „поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа, писмено не го извести работодавачот“. За ова прекршување на работните обрски, на специјалната јавна обвинителка ѝ следува отказ со отказен рок.

Поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските

Со отказен рок работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување, особено ако:

1) не ги почитува работниот ред и дисциплина според правилата пропишани од страна на работодавачот;
2) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
3) не се придржува кон прописите што важат за вршење на работите на работното место;
4) не се придржува на работното време, распоредот и користењето на работното време;
5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести работодавачот за отсуството од работа;
6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа, писмено не го извести работодавачот;
7) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
8) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести работодавачот;
9) не ги почитува прописите за заштита при работа или не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа;
10) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата и
11) незаконски или неовластено ги користи средствата на работодавачот.

Без отказен рок работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот:

1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и
6) оддаде деловна, службена или државна тајна.

Засега официјално соопштение или документ за отсуството на Јанева од СЈО нема, а СЈО се обврза да ги информира медиумите во најкус рок штом боледувањето ќе пристигне.

Гевгеличанката Јанева, која застана на чело на СЈО од септември 2015, се повлече од функцијата два месеци пред истекот на мандатот во истиот ден кога заради сомневања за изнуда во случајот „Рекет“ притворени беа Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.