Грција ја поддржува европската перспектива на С. Македонија, но потребна е целосно почитување на меѓународното право и правилна имплементација на Договорот од Преспа, во спротивно ќе биде блокирана нејзиниот европски пат, вели грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во честитката до Грците од дијаспората по повод националниот празник 25 март, јави МИА од Атина.

Во писмената честитка, Павлопулос освен за важноста на празникот, ги споменува и т.н. грчки национални прашања, односите на Грција со Турција, Албанија, Македонија, како и кипарското прашање.

Што се однесува на РСМ, ние ја поддржуваме нејзината европска перспектива. Но, предуслов за оваа перспектива, од нејзина страна е целосно и искрено почитување на европското законодавство, со тоа и меѓународното право во целост, а пред сè Договорот од Преспа, што мора да се толкува и да се имплементира, според неговата содржина и духот, на начин што не остава ниту трага од иредентизам. Според тоа, секоја спротивна тактика, се подразбира, дека ќе го блокира европскиот интегративен напредок на С. Македонија, пишува Павлопулос во честитката.

Грчкиот претседател вели дека „Грција е фактор на мир и безбедност на Балканот и во поширокиот регион на Југоисточниот Медитеран и целосно и практично ги почитува европското и меѓународното право” и се стреми кон пријателство и соработка со сите соседи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.