Ако до Парламентот биде доставен усогласен предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство од 80 гласови, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница, најави денеска претседателот на парламентот Талат Џафери на средба со новинарите.

Џафери вели дека има таква деловничка можност, но сѐ зависи од волјата на парламентарниот состав.

Тој најави и дека Протоколот за Ратификацијата на договорот за НАТО со одложено дејство ќе биде усвоен на 11 февруари на седница на која се поканети да присуствуваат и претседателите на парламентите на земји членки на Алијансата од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска и Црна Гора, како и претставници на Парламентарното собрание на Алијансата и на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Покани за присуство на седницата се упатени и до поранешните претседатели на државата и на Парламентот, како и до лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Протоколот се ратификува со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас.

Што се однесува до законот за одбрана, Џафери рече дека не е услов за НАТО, но добро е да се донесе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.