Инфективните одделенија се преполнуваат, а пациенти со ковид-19 се сместуваат и на интерните одделенија во дел од болниците низ земјава, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели доколку има потреба ќе бидат ангажирани и дополнителни медицински лица од другите оддели во болниците, а тоа ќе ја отежне работата за лекување на пациенти со други болести.

Доколку дојде ситуација да е потребно да се ангажира уште поголем број на медицински лица, апсолутно дека ќе се пренаменат и другите болнички капацитети од интернистички одделенија. Во болниците Битола, Прилеп и Охрид веќе се сместуваат пациенти на интернистички одделенија. Можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со ковид-19. Можно е да има период кога целокупниот останат програм ќе да се намали со цел целиот кадар да се посвети на лекување на пациентите со ковид-19, рече Филипче.

Министерот рече дека со наплив на пациенти во болниците се соочуваат и други европски земји кои препраќаат пациенти во други држави. За такво сценарио вели, се спрема и министерството за здравство, иако засега вели, не верува дека ќе има потреба за тоа.

Насекаде во Европа дури и разменуваат и праќаат пациенти од една во друга држава. Се надевам дека нема да се случи такво сценарио, но и за такви моменти се спремаме, рече Филипче.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.