Претседателот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) академик Љупчо Коцарев денеска во колумна за весникот „Нова Македонија“  открива дека во Програмата за работа што ја понудила актуелната деканка на Филолошкиот факултет Анета Дучевска за нејзиниот втор мандат од 2020 до 2023 година, предлoжила единаесетте катедри да се заменат со 5 отсеци. Според  Љупчо Коцарев, ниеден од нив не го содржи зборот македонски, односно ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност. Дучевска не предложила во програмата што ќе се случи со постојните катедри, дали ќе се укинуваат или ќе се преименуваат.

Академик Љупчо Коцарев меѓу првите алармираше дека се укинуваат двете значајни катедри за македонски јазик и македонска книжевност, при што беше остро нападнат дека шири лажни вести.

Во денешната колумна Коцарев пишува дека таквиот чин би предизвикал лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката и дека тоа ќе резултира со гаснење на многу катедри и отсеци низ светот каде што се учи македонскиот јазик и книжевност.

Од друга страна, пак, деканката на Филолошкиот факултет тврди дека никакво укинување на катедри не е спомнато во нејзината Програма и обвини дека против неа се води сериозна хајка.

Јас веќе еднаш кажав дека не постои документ за укинување на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, но очигледно дека некој решил да води сериозна хајка против мене. Не постои никаков документ и никаков план за укинување на Катедрата за македонски јазик. Станува збор за програма за избор на мој втор мандат, кој лани во септември започна да тече. Тоа е моја програма и јас планирав да направам интервју со некој медиум и да објаснам за што станува збор. Оваа хајка против мене се води веќе подолго време, а ниту еден новинар не ми се јавил за да ме праша за што се работи. Новинарите дури сега почнаа да ми се јавуваат, откако водачите на хајката ја зголемија офанзивата. Јас тврдам дека не постојат ни писма, ни документи, туку се употребуваат погрешни зборови за да се води работата кон тој правец којшто го замислиле. Се работи за најобична програма за интерен конкурс за избор на декан. Тој документ не е јавен и таму не постои ниту една точка во која се вели дека Катедрата за македонски јазик ќе биде укината – вели Дучевска за Плусинфо откако порталот Експрес вчера објавија архивски број на документот за кој пишува дека ги потврдува гласините за укинувањето на катедрите.

Дучевска денеска одби да ја сподели нејзината Програма со јавноста за преку неа да се разјаснат дилемите околу нејзините предлози за реформи на Филолошкиот факултет.

Професорот Бобан Карапејовски од Катедрата за македонски јазик, кој е еден од шеснаесетте професори кои се беа потпишале во писмото до јавноста преку кое информираат дека не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност, за Плусинфо објаснува дека не може да се изврши никаква промена, укинување или преименување на одредена катедра без претходно да се смени Статутот на Филолошкиот факултет.

Во септември 2019 година го донесовме новиот Статут и таму јасно е наведено под кои услови можат да се направат одредени измени. Во член 29 се наведени сите 11 катедри, а тие можат да бидат укинати или преименувани само доколку се смени Статутот со помош на двотретинско мнозинство. Точно е дека во Програмата е наведен предлог за формирање 5 нови оддели, но станува збор само за предмет на дискусија и не мора воопшто ни да се донесе во 2023 година. Ние сме препознатливи по петте подрачја, а тоа се лингвистика, применети јазици, преводи, книжевност, методика и динамика. Ова се тие оддели и немаат никаква врска со катедрите. Катедрите си остануваат онакви какви што се, без преименување и без укинување. И секако, одделите во никој случај не можат да бидат поважни од катедрите. Но, како што реков, станува збор за најобичен предлог за кој треба да се разговара и да се дебатира во следните две години – објаснува професорот.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, пак, во колумната пишува дека се брише сè што носи македонско име и се урива македонистиката на Филолошкиот факултет.

Македонските катедри треба да имаат ексклузивен статус, тоа треба да се катедри од посебен национален интерес.

Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сѐ што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност. Жалосно. На основа на што беа изнесени овие тврдења? Еве ги фактите. Во 2020 година, професорка од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици предлага програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет и со таа програма таа е избрана за декан на факултетот во периодот од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година. Таа програма е архивирана, поделена до сите професори на факултетот, и претставува документ врз основа на кој професорката е избрана за декан. Во програмата се предлагаат ‘реформи‘ на факултетот, при што структурата на факултетот од 11 катедри (од кои две се катедрите за македонски јазик и македонска книжевност) се заменува со структура од 5 отсеци (од кои ниеден не е отсек за македонски јазик и книжевност). Да повторам, за да нема забуна, станува збор за документ со наслов Програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет во мандатниот период 15.09.2020 – 14.09.2023. Во програмата се предлага структурата на факултетот на првото, највисоко ниво, да не го содржи зборот македонски (ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност). Уште повеќе, во програмата не пишува што ќе се случи со постојните катедри. Меѓутоа, дали тие ќе постојат или воопшто нема да постојат, по мене е ирелевантно прашање, смета Коцарев.

Одговорот на прашањето, додава тој, не го менува фактот дека на првото, најважно ниво, зборот македонски се брише и ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност.

Што се случи потоа? Професорите од Катедрата излегоа со став дека ‘не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност‘. Оставам читателот сам да пресуди за точноста на ова тврдења. По мое мислење, македонските катедри треба да имаат ексклузивен статус, тоа треба да се катедри од посебен национален интерес. Пошироко гледано, клучно прашање тука е каков е односот на политичарите, од една страна, и на научниците и уметниците, од друга страна, спрема македонскиот јазик, пишува претседателот на МАНУ.

И професорката Јасна Котеска алармираше дека постои план за укинување на македонските катедри на Филолошкиот факултет. Котевска вели дека таа не им го испратила документот на медиумите, го поддржа академик Коцаерв и побара јавно извинување од министерката за образование Мила Царовска.

Со месеци ја повикувам министерката Мила Царовска за образовните реформи и деканката Анета Дучевска за укинувањето на македонските катедри на Филолошкиот факултет. Двете негираа. Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици дури пиша отворено писмо дека нема такви процеси. Лажеа. Прашајте ги сите редакции во земјава. Сите ми се обратија за документот, но никому не го пуштив. Ја алармирав јавноста за општествено важно прашање. Фала, кој и да го пратил документот. Имам дете и јас лично не можев да го сторам тоа. Барам јавно извинување од Мила Царовска. Сакам да изразам поддршка за академик Коцарев. Математичар, физичар, во 2 отсто најдобри научници, 20 години предавал на Беркли и Сан Диего за неговиот државнички, стратешки, спокоен, умен и достоинствен пристап кон општествените прашања. Секоја чест нему, напиша Котеска на Твитер.

извор: Плусинфо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.