Поголемиот дел на членовите од Одделението за општествени науки на МАНУ и од Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ учествуваа во денешната дебата за реформата на основното образование со претставници на МОН, Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование. Академик Владо Камбовски ја поздрави идејата за вклучување на МАНУ во расправата за реформата на основно образование, како највисока научна и уметничка институција чија задача е токму да го развива образованието и науката.

Досега не сме имале вакви дискусии, а се случувале значајни промени. Нормално е да се појават различни гледишта околу подготвениот материјал, но заживеа расправата за овој најважен елемент на општествените реформи, а тоа е системот на образование, овој пат основното образование, но очекуваме дека тие расправи ќе продолжат и во однос на другите степени, предучилишното, средното и конечно реализација на реформата во високото образование. Преку овие расправи треба да го промениме односот кон главните носители на оваа значајна општествена дејност, а тоа се учителите, наставниците. Учителот треба да стане централна фигура на општествениот интерес во наредниот период, ако сакаме да формираме општество засновано врз знаења, прогресивно општество, знаења со кои утре ќе ги отворат границите на нашата земја кон светските процеси на интеграција и глобализација, изјави академик Камбовски.

Тој нагласи дека средиште на концепцијата е курикуларната реформа, односно реформата на наставниот план, после која треба да следат и наставни програми.

Во рамките на оние осум подрачја што ги одредува овој материјал како темелни вредности или цели на системот на образованието, треба да се вклучи една листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја и физика и хемија, оние кои сега се во тој материјал групирани како модули на некој заеднички предмет, општествени или природни науки, рече академик Камбовски.

Тој укажа дека академиците имаат конкретни сугестии за подобрување на концептот.

Очекуваме по усвојувањето на овој концепт да бидат преземени и следните чекори: да биде подготвен наставниот план за основно образование, следен чекор е подготовка на наставни програми за секоја година на деветолетката и националните образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието, стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование, кој сега и преку меѓународни мерења се оценува како исклучително низок, рече академик Камбовски.

Целиот комплекс на реформа на образованието треба да вклучи и дополнителни компоненти, како што се неопходните буџетски вложувања, особено подобрувањето на статусот на наставниците и подобрувањето на наставничката структура во основното образование, преку интервенции во системот на едукација на идните наставници и континуирана едукација и подготовка за влегување во еден нов концепт на основно образование, на нова филозофија на учење, во која се стекнуваат знаења за учењето, се стекнуваат капацитети и способности за совладување на проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.