Актуелниот претседател на МАНУ Таки Фити денеска изјави дека ќе разговараат со колегите од Бугарската академија на науките (БАН) околу нивниот став дека Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и неприфатливи позиции и во која е наведено дека „официјалниот јазик во Република Северна Македонија е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик“.

Тој денеска во изјава за медиумите посочи дека има информации оти не сите академици на БАН го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.

Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните, изјави денеска академик Фити пред почетокот на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Ксенте Богоев.

Академик Фити рече дека ќе се консултира со луѓето кои се задолжени за лингвистика, по што најверојатно ќе излезат со заеднички став.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.