На сите вас ќе ви го кажам сонот на мојата генерација, рече Мицкоски на големиот митинг во Скопје.

Јас ја гледам Македонија како земја на среќни граѓанини, кои се почитуваме едни со други, си подаваме рака во тешки времиња и заеднички ја носиме својата среќа.

Јас ја гледам Македонија како држава членка на Европската унија, каде ќе стигнеме само преку макотрпна работа, исполнување на стандарди и принципи, пред се да се европеизираме дома, одвнатре. Европа била и ќе остане нашата единствена иднина. Но за тоа мора да сработиме.

Јас ја гледам Македонија како земја каде Македонците отсекогаш во историјата живееле заеднички и сложно со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати.

Јас ја гледам Македонија како место каде владее правдата, се почитува правдата се почитува правната држава и владеењето на правото, каде сите сме еднакви пред законот и Уставот, и секој еден кој го прекршил ќе одговара. Ќе одговара без оглед на неговата припадност, општествена или политичка.

Јас ја гледам Македонија како место во кое земјоделците се задоволни од пласманот на она што со мака го произведуваат. Имаат ценет труд, каде невработените наоѓаат работа, а вработените добиваат повисоки плати.

Јас ја гледам Македонија како земја каде младите ги водат процесите, имаат шанси, слобода и почит. Место каде создаваат и ја гледаат својата иднина.

Јас ја гледам Македонија како земја чија историја се почитува, чиј идентитет се потврдува, чие име произлегува од правото на самоопределување. Земја каде химната се слуша простум, без задршки, со посебно чувство на гордост.

Јас ја гледам Македонија како земја каде граѓанинот има ефикасна услуга, бизнисот оди напред, а стопанствениците создават успеси затоа што имаат партнер во државата.

Јас ја гледам Македонија каде нашите деца  растат безгрижно.

За Македонија која нижи спортски успеси, за финале во фудбал на европско првенство каде ќе се виори македонското знаме, македонското сонце. Каде заедно навиваме за фудбалските мајстории на Елиф Елмас, на Пандев.

Јас ја гледам Македонија како земја каде заеднички се радуваме на одбраните на Борко Ристовски, на головите на Кире Лазаров, на играта Стоилов кој нема да биде играчот број 5, туку Стојанче Стоилов заедничкиот херој на многу граѓани од Дебар до Делчево, од Гевгелија до Куманово.

Јас ја гледам Македонија како идеја, муза и инспирација за која вреди да се живее и умре.

Ако и вие го споделувате ова како и јас, тогаш ајде заеднички да се избориме, повика тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.