Мислам дека изборите не се решение за сегашната ситуација, бидејќи пред нас има многу поважни задачи, изјави денеска лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во одговор на новинарско прашање во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори следната пролет.

Треба да се реализира скринингот и да продолжат преговорите со Европската унија. Во овој процес треба да има етничко и меѓуетничко единство, затоа што станува збор за иднината на државата, за иднината на генерациите. И сите треба да инвестираме во таа иднина – изјави Ахмети по денешната Свечена академија по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември.

Во врска со најавите за влез на Алијансата на Албанците во владината коалиција, Ахмети истакна дека целта на таквата идеја е обезбедување на „концентрација во европските интеграции“.

Целата оваа тема нема врска со теснопартиските интереси. Ова се однесува на усогласување на политичкиот фактор за поголема концентрација во европските интеграции – изјави Ахмети.

Тој додаде дека премиерот Димитар Ковачевски е во преговори со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари за ова прашање.

Се уште не зборувано за детали, најважно е што страните изразиле волја за еден процес кој бара унифицирање и бара координација – истакна Ахмети, додавајќи дека досега не се разговарало за евентуална прераспределба на министерските ресори во Владата.

Говорејќи за денешниот Ден на албанското знаме, Ахмети нагласи дека денеска е значаен ден за сите Албанци, односно дека станува збор за одбележување на значаен настан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.