Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 116-та редовна седница, која како што посочија од владината прес-служба ќе биде отворена со презентација на приоритетите на Романија за време на претседателството со Советот на Европската Унија, што ќе ја одржи амбасадорот на оваа земја во Република Македонија, Стефан Горда.

Седницата потоа ќе ја продолжи својата работа со повеќе точки на дневниот ред од Програмата за работа и од интерес на граѓаните, како што е донесувањето одлука во врска со информацијата за потребата од обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот „Изградба на железничка пруга од Крива Паланка до граница со Република Бугарија“, што ќе ја презентира ЈП „Македонски Железници инфраструктура“.

Понатаму информираат од Владата, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, на денешната седница ќе ја претстави својата програма за работа и финансиски план за 2019 година, а на предлог на Агенцијата за млади и спорт, Владата ќе ја разгледа Предлог – програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за оваа година.

На денешната седница исто така предвидено е да се расправа и за информацијата за Програмата на економски реформи 2019-2021 година, на Министерството за финансии.

Генералниот секретаријат на Владата, велат од владината прес-служба на денешната седница ќе ја предложи на усвојување Предлог-програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, а на предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање на седницата ќе се најдат и Предлог-годишната програма за заштита на природата за 2019 година, и информацијата за поддршка на иницијативата за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.