Бандитизам и дилетантизам. Ова е првичната реакција на претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев на поднесеното законско решение со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни, а лустрираните лица ќе може да побараат надомест од државата.

Во изјава за Курир Аџиев вели дека поништувањето на правосилни одлуки со закон не постои и тоа е противуставно. Ваквата одлука според него да не е трагична, ќе е хумористична.

Си има закони и процедури како може да се направи нешто такво. Замислете, утре на некој да му текне да ги поништи сите кривични пресуди и да нема осудени лица. На што ќе личи тоа? Се прашувам кои луѓе ја водат оваа држава, имаат ли читано право? Па, јас на сите им ги знам имињата, втората и третата генерација на кодошите сега се вработени во институции, па и во погорните ешалони, а некои пружаат поддршка преку невладини организации. Трагедија е за Македонија да се размислува на овој начин. Затоа не не’ примаат во ЕУ, за вакви работи, криминалот цвета. Нека му е на чест на тој што го смислил ова, вели Аџиев.

Првиот човек на Комисијата за лустрација додава и дека за правната веродостојност на нивните одлуки потврдил и судот во Стразбур.

Комисијата беше составена од 11 луѓе кои одлучуваа, тука беа и два суда. За нашата работа и донесените одлуки потврди и Судот во Стразбур кој за двата поднесени предмети ја потврди нашата одлука. Ова што се прави е само да се задоволат нечии апетити и барања, а всушност се руши целиот правен систем, додава Аџиев.

Владата на вчерашната седница го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.