Согласно Законот и актите на Адвокатската комора на РСМ, за покренување на било каква постапка од страна на Комората, потребно е да има пријава, односно судска одлука.

Ова е одговорот, што Лидер.мк го доби од Адвокатската комора на прашањето зошто Комората досега молчи за адвокатот Васил Димишков, зашто нејзиното не реагирање, на извесен начин, претставува потврда на постоењето такви адвокатски шеми.

Името на адвокатот Димишков стана актуелно прво со појавувањето на снимките, а сега и со почетокот на судењето за случајот „Рекет“. И во снимките и во сведочењата на главните сведоци во случајот, бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева, Димишков се споменува дека нудел помош за добивање поблаги мерки на претпазливост во износ од 2, 4 и 6 милиони евра во случајот „Империја“ во кој Камчев е обвинет.

Лидер постави и прашање до Адвокатската комора, дали таа ќе преземе мерки, што и стојат на располагање согласно правилниците, во врска со Димишков, чие име се споменува со месеци и нудената помош за милионски износи евра.

Од Комората велат дека прашањето се однесува за активен предмет за кој се води судска постапка. Воедно известуваат дека до Адвокатската комора на Република Северна Македонија не е доставено никакво известување или друг акт дека воопшто се води било каква постапка против наведениот адвокат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.