Адвокатот Трајче Арсов, кој го застапува поранешниот генерален секретар на СДСМ Алескандар Кирацовски во неговите закани за тужби против медиуми кои пренесуваат обвинувања против Кирацовски, е посочен во текст на Вашингтон Пост за сомнителни малверзации со Фејсбук групи во САД.

Вашингтон пост објави подолга репортажа за тоа како една Фејсбук група на американски воени ветерани – поддржувачи на претседателот Доналд Трамп, со над 100.000 членови била преземена од Македонци кои ја користеле за ширење пропаганда преку која заработувале продавајќи рекламен простор. Американските медиуми кои се критички настроени кон Трамп, како што е Вашингтон Пост, честопати ја обвинуваа Македонија дека е центар за ширење на лажни вести преку кои се влијаело на исходот на изборите во САД во 2016 година.

Конкретната група Ветерани за Трамп – https://www.facebook.com/trumpvet/ – била формирана од Влад Леметс, поранешен војник на американската армија од Флорида, Џошуа Мациас. Како што членството на групата растело, тие добивале понуди да ја продадат или изнајмат на претприемачи кои би објавувале комерцијални текстови. Тие прифатиле понуда за соработка од Андреј Спасовски, македонски граѓанин кој им ветил дека интернет страницата може да носи заработувачка од десетици илјади долари месечно, при што Мацијас и Леметс би останале како нејзини уредници. Но, откако договорот бил потпишан, двајцата уредници велат дека набргу биле исклучени од управувањето со страницата во полза на Спасовски, а потоа на браќата Панче и Трајче Арсови.

Трајче Арсов е адвокат, кој и порано бил посочуван како претприемач кој развива десничарски ориентирани Фејсбук страници. Тој е правен застапник на Кирацовски во случаите во кои Кирацовски се заканува со тужби против медиуми, вклучително и Република, поради пренесување на вести за неговата поврзаност со скандалот Рекет, потоа статуси на поранешниот активист на СДСМ од Битола Душко Млекарот кој го обвинува Кирацовски за сомнително богатење и за непотистички вработувања.

Вашингтон Пост пишува дека Арсов соработувал со американски ветеран од Тексас Томас Дилингам, кој во минатото работел на истата Фејсбук страница. На страницата Ветерани за Трамп биле објавувани лажни фотографии, на пример од политички противници на Трамп со слики од Осама бин Ладен, вести за наводни хомосексуални врски на Барак Обама, потоа лажни и наведувачки наслови кои поттикнувале расна омраза во САД како лажна вест дека Афроамериканци запалиле американско знаме. Браќата Арсови потенцирале дека се десно ориентирани и дека се задоволни што со своите Фејсбук страници „им помогнале на Американците да го изберат вистинскиот кандидат во 2016 година“.

Целта на активностите од Северна Македонија е да се манипулира со американски ветерани во пресрет на изборите во 2020 година. Но, Трајче Арсов вели дека целта не е да се оствари политичко влијание, туку едноставно – профит. Ова е само бизнис, Вашингтон Пост го цитира адвокатот.

Откако Хилари Клинтон директно обвини „хакери од Велес“ за ширење лажни вести против неа и за поткопување на нејзината кампања, неколку левоориентирани медиуми, како Базфид, објавија вести за браќата Арсови и нивните Фејсбук групи и интернет страници кои објавуваат вести за поддршка на Трамп. Целта на овие вести беше да се прикаже поврзаност на Македонија со руската пропаганда во поддршка на Трамп.

Спорот меѓу македонските претприемачи и американските ветерани дошол продолжил пред Фејсбук, при што компанијата решила да ја одземе контролата врз страницата Ветерани за Трамп од македонските инвеститори и да им ја врати на нејзините американски основачи. Вашингтон Пост забележува дека содржината на текстовите кои се објавуваат на Фејсбук страницата не се сменила значително, и дека на неа се уште се објавуваат „лажни вести“ со критики за противниците на Трамп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.